16/04/2024
Македонија

Македонија има добри примери како отпадот да го претвори во енергија

Денеска на тема: “Од отпад до енергија – предизвици и можности” во рамки на Европската недела за намалување на отпадот, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање и ЗГ „Гоу Грин“ се одржа панел дискусија за примена на технолошки решенија во Р.Македонија за третман на отпадот при што како резултат се добива енергија. На панел дискусијата, со свои презентации се претставија ИНА Енерго Систем Скопје, македонски партнер на италијанскиот конзорциум “Еко Енерџи”; компанијата Везе Шари и Лекер; и Цементарница Усје АД Скопје како добри примери за различно искористување на комуналниот отпад за добивање на енергија.

Според заменик министерот Макрадули, Р. Македонија навистина може да се пофали со примери кои се и регионално оценети како добри примери и кои овозможуваат не само да станеме енергетски понезависни, туку на тој начин да придонесеме кон намалување на аерозагадувањето. При тоа заменик министерот Макрадули го изрази своето очекување општините да покажат поголема заинтересираност за решенијата кои што постојат, од причина што токму отпадот кој што им е рак рана на многу локални самоуправи во државата, ако не и на сите, може да се третира на поинаков начин кој што ќе значи бенефит, а не трошок.

На отварањето на панел дикусијата присуствуваше и Јаромир Левичек раководител на оператива 1 во ЕУ Делегацијата во Македонија. Во воведното обраќање тој го посочи фактот дека во државите од ЕУ се рециклира приближно 42% од отпадот, а целта е до 2030 година 65% од отпадот да биде рециклиран.

Панел дискусијата беше одлична можност за размена на сознанија, практични примери, идеи, но и согледување на потребата за усогласување на постоечките иницијативи со националните и локалните планови што се прават за регионалните депонии.

Интересна беше и забелешката до која дојде Гоу Грин при спроведеното истражување која се однесува на комуналната такса. Имено, кога станува збор за стимулирање на граѓаните за селекција на отпадот, беше предложено комуналната такса да не се пресметува според корисната површина, туку според количеството на генериран отпад.