29/03/2024
Спорт

Македонија одигра нерешено против Исланд во Рејкјавик

Македонската А репрезентација одигра нерешено 2:2 против Исланд во натпреварот од 5. коло од квалификациите за Светското првенство 2022. 

Домашните фудбалери се спасија од пораз. Македонија водеше со 2:0 со головите на Велковски и Алиоски, во последните 15-на минути Исланд успеа да постигне два гола. 

Нашата репрезентација целосно доминираше во првото полувреме и потполно заслужено обезбеди предност. Дарко Велковски во 12. минута беше стрелец на голот за Македонија. 

Првата опасност кон голот на Димитриевски се случи во воведната минута кога по центаршут на домашните, Гудмундсон шутираше покрај нашиот гол. 

Милан Ристовски во 4. минута имаше непрецизен обид од далечина, а убава прилика не искористивме во 11. минута кога по корнерот на Барди, најпрвин Велковски, а потоа Муслиу не успеаја да го совладаат домашниот голман.

Сепак, веќе во 12.  минута водство за Македонија. Алиоски нафрли од корнер, а Дарко Велковски со глава погоди во мрежата на Рунарсон. 

Во 27. минута одличен удар од 20-на метри упати Тихомир Костадинов, но внимателен беше домашниот голман. Во следниот напад Ристовски асистираше до Чурлинов, но одбраната на Исланд го блокираше неговиот обид од добра позиција. 

До крајот од полувремето имавме уште една прилика преку Барди, но и неговиот удар беше навреме изблокиран.

Во вторите 45. минути, првиот обид го имаше Милан Ристовски кога одбрани Рунарсон, но домашниот голман беше немоќен во 55. минута кога Езѓан Алиоски одлично шутираше за удвојување на нашата предност. 

Во 64. минута, Арнасон успеа да погоди по центаршут на Гудмундсон, но голот беше поништен поради недозволена ситуација. ВАР системот ја потврди одлуката на сидиите. Во 76. минута, Гудмундсон одлично се избори за позиција, шутираше опасно, но за среќа, покрај голот на Димитриевски. 

Во 78. минута, Исланд намали на 2:1. Гудмундсон биеше опасно од слободен удар, Димитриевски успеа да одбрани, но одбиената топка во мрежата на Македонија ја смести Бјарнасон.

Нашата селекција можеше многу брзо да ја врати предноста од два гола, но Александар Трајковски немаше среќа во 81. минута. Неговиот удар заврши во стативата од голот на Исланд. 

Во 84. минута, домашните фудбалери израмнија на 2:2. Стрелец на голот беше Андри Гудјонсен. 

Во 90. минута, ударот со глава на Висар Муслиу го одбрани голманот Рунарсон, а во продолжението од убави прилика немаа среќа да постигнат трет гол за нас, Чурлинов и Јаховиќ. 

МАКЕДОНИЈА: 1. Столе Димитриевски, 6. Висар Муслиу, 14. Дарко Велковски (90 Кире Ристевски), 8. Езѓан Алиоски, 13. Стефан Ристовски, 20. Стефан Спировски, 10. Енис Барди (72` Александар Трајковски), 7. Елиф Елмас, 21. Тихомир Костадинов (80` Адис Јаховиќ), 11. Дарко Чурлинов, 19. Милан Ристовски (80` Даниел Аврамовски); Селектор: Благоја Милевски. 

Септемврискиот квалификациски прозорец го затвораме на 8. септември на Националната арена „Тодор Проески“ против Романија.