Македонија оствари сигурна победа против Летонија
Македонската фудбалска репрезентација оствари важна победа (0:3) на гостувањето кај Летонија и останува на првата позиција во својата група од Лигата на нации.
Избраниците на Благоја Милевски имаа целосна контрола врз играта во текот на речиси цел натпревар, покажаа повеќе на теренот и заслужено ги освоија бодовите во Рига.
Димитриевски ќе постигнеше сензационален погодок од гол на гол уште во 3. минута, а по неколку дополнителни обиди, резултатот го отвори Атанасов во 35. минута, по акцијата која ја започна Елмас, а ја продолжи Миовски на кого му е запишана асисстенција.
Македонија продолжи во сличен стил и во вториот дел, го контролираше поседот на топката, а резервистот Ќамили се снајде одлично во противничкиот шеснаесетник во 70. минута за обезбедување 0:2 и посигурна ситуација за нашите најдобри фудбалери.
Ќамили реализираше четири минути откако влезе во игра, а до крајот нашата репрезентација го дотолчи противникот со атрактивен погодок на Елиф Елмас во 93. минута. Нашиот репрезентативец испрати бомба од петнаесет метри и го остави без решение летонскиот репрезентативен голман за конечни 0:3.
Македонија сега има 7 бодови во групата, а по три дена гостува кај Ерменија во Ереван.
WebOhrid / 10.10.2024 / ФФМ