28/03/2024
Македонија

Македонското наследство помеѓу десетте најдобри Европски приказни

Проектот „Денот на Баба Марта“ на ХАЕМУС е избран помеѓу десетте најдобри Европски приказни во рамките на повикот „Приказни за европското културно наследство“, поддржан од Европската комисија и Советот на Европа, а во рамките на програмата „Европски денови на културното наследство“.

„Условите да се биде дел од повикот ‘Приказни за европското културно наследство’ се строги. Покрај многу други категории, една од најважните ставки е дека една граѓанска организација мора да има претходно организирано барем еден голем јавен настан во последните три години. Тој настан е пожелно е да биде координиран, евалуиран и реализиран во рамките на националната програма за „Европските денови на културното наследство“. Подоцна, при аплицирањето, целта на приказната е да се претстави и сподели македонското културно наследство, како  дел од заедничкото европско – културно наследство“ – велат од ХАЕМУС.

„Денот на Баба Марта“ е создаден од ХАЕМУС за да ја поддржи мултинационалната апликација „Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт “ во УНЕСКО, со цел зачувување, презентација и популаризација на обичајот „Мартинки“. Во 2017 година мартинките се впишаа во Репрезентативната листа на УНЕСКО и станаа дел од светското нематеријално културно наследство, а ХАЕМУС стана правен носител на ова културно добро од Македонија во УНЕСКО.