18/04/2024
Охрид

Матурска парада 2019

Со танц на музика од штраусовата опера „Лилјакот“, околу 400 матуранти од  четирите  охридски средни училишни центри на плоштадот „Св. Климент Охридски“ денес се вклучија во манифестација „Матурска парада 2019“.

Пред почетокот на танцот матурантите ги поздрави претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.

– Денес гледам  младост, безгрижност и среќа кај сите вас. Ова е вашиот ден, ова се ваши мигови, овој плоштад е Ваш. „Младоста е среќна затоа што за нејзе има иднина“рекол Гогољ,  а вие сте нашата иднина. На вас останува  ова општество и целиот Свет. Сигурна сум дека од средношколските денови носите грст убави спомени и знаења кои ќе ги осветлуваат вашите животни патишта и кои ќе бидат основа за градење на светла иднина. Во овој момент земете го компасот и мапата на животот во свои раце.  Уверена  сум дека сега сте потполно свесни колку е важно образованието. Нелсон Мандела рекол „Образованието е најмоќно оружје кое можете да го употребите за да го менувате светот“.  Колку досегашното знаење допринело во вашето „навооружување“ ќе покаже времето кое е пред вас. Сигурна сум дека денес се обраќам на успешни млади луѓе кои ќе ги освојуваат сите сфери на животот и науката.  Основачот на дигиталната доба Стив Џобс кажал, „Твоето време е ограничено, немој да го трошиш на нечиј живот. Немој да допуштиш да живееш како што другите мислат. Немој да дозволиш туѓите  мислења да ти го уништат твојот внатрешен глас. И најважно имај храброст да го пратиш своето срце и интуиција. Тиеодамна одредиле што навистина сакаш да бидеш во животот.“ Драги матуранти, најдобар начин да ја предвидиш својата иднина е да ја изградиш онаква каква што ја посакуваш. Околностите на животот не можеме да ги избереме но може да ги избереме сопствените реакции  на тие околности.  Изградете ја иднината таква каква што ја посакувате.  Алатката за таквата градба ја имате во вашите знаења, талент и неисцрпни способности постојано да учите и да се надградувате. Животот е како приказна, не е важно колку е долг туку колку е добар.  Затоа потрудете се да биде добри луѓе, добри лекари, адвокати, судии, менаџери, занаетчии, професори, архитекти, политичари. Само доколку нештото го сакате и работите со љубов ќе бидете добри  и успешни во професијата, рече Ангелоска.

Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид.  Оваа година покрај Македонија во проектот ќе учествуваат матуранти од 60 градови на Југоисточна Европа.