16/04/2024
Охрид

Мецосопранот Петровиќ и тенорот Каранац со воодушевувачки настап на „Охридско лето“

Бура од емоции и вистинско уживање во класичната музика приредија синоќа младите српски солисти, мецосопранот Александра Петровиќ и тенорот Стеван Каранац кои заедно со Српскиот камерен оркестар одржаа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Љубовта кон музиката ги згреа срцата на бројната публика која и покрај студеното време и снегот уживаше во внимателно одбраниот репертоар со дела од Росини, Шопен, Сичински, Крајслер, Елгар, Лехар, Чајковски, Маскањи, Дебиси, Штраус и Калман.

Како што истакна директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, овој настан со исклучително талентирани уметници е посветен на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, кој, како што додаде, несебично го помагаше фестивалот.

-За жал, не успеавме до крај да ги реализираме нашите заеднички визии за напредокот на оваа национална установа и останавме без нашиот искрен пријател и поддржувач. Не постојат зборови со кои можеме да ја утешиме болката за загубата на семејството, ниту зборови со кои ќе ја искажеме благодарноста за неговиот придонес во градењето на успешната приказна наречена „Охридско лето“. Во овој момент ја нема насмевката на нашите лица, но покрај тагата, чувствуваме гордост и чест што бевме пријатели со човекот што го красеше добрината, искреноста и човечноста, рече Поповиќ.

Младата уметница Александра Петровиќ првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“, но како што нагласи, е воодушевена од организацијата на концертот и гостопримливоста на домаќините.

-На фестивалот „Охридско лето“ настапувале мои колешки и пријателки, но јас ја немав таа можност се’ досега. Навистина огромна е честа зашто знам дека на овој фестивал што постои долго, настапувале многу еминентни уметници, рече мецосопранот Петровиќ.

И според тенорот Стеван Каранац, концертот на „Охридско лето“ бил воодушевувачки, не само за публиката, туку и за самите уметници.

– Исто како и публиката, и ние уживавме на сцената. Со мојата колешка Александра завршивме оперски студии во Народниот театар така што имаме прилика да соработуваме со големи стручњаци како што е маестро Ѓорѓе Павловиќ со кого го изведовме овој концерт, но и со нашите помлади колеги од оркестарот, додаде Каранац.

Уметничкиот директор и диригент на Српскот камерен оркестар, Ѓорѓе Павловиќ, рече дека воодушевувачка е идејата, фестивалот „Охридско лето“ да ја прошири културната понуда и надвор стандардниот термин во лето.
– Овој ансамбл првпат настапува на „Охридско лето“, и тоа, во една специфична ситуација кога фестивалот ги шири своите габарити преку целата година, што е одлична идеја и значаен потег бидејќи се работи за фестивал од исклучително значење за регионот, со огромна традиција и со многу квалитетни уметнички понуди. Таквите летни понуди сега се прошируваат и преку годината, со што значајно ќе се влијае врз културната понуда. Ја поддржуваме реализацијата на ваквата идеја и посакуваме да трае долги години, истакна маестро Павловиќ.

По завршувањето на 58-то издание, „Охридско лето“ организира два концерти надвор од востановениот фестивалски термин. На 18 декември минатата година настапи еден од најоригиналните изведувачи на денешната класична музичка сцена, италијанскиот пијанист Емануеле Арчиули, а еден месец претходно, во фестивалската историја се впишаа и имињата на пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко од Русија.