19/04/2024
Регион/Свет

Меѓународен ден за елиминирање на насилството врз жените

Жените активисти го обележуваат 25-ти ноември како ден против насилството уште од 1981 година. Овој датум потекнува од бруталниот атентат во 1960 година, врз трите сестри Мирабал, политички активисти во Доминиканската Република, по наредба на доминиканскиот владетел Рафаел Трухило.

На 20 декември 1993 година, Генералното собрание на Обединетите нации, со резолуцијата 48/104, ја усвои Декларацијата за елиминација на насилството врз жените.

Во тој контекст, во 1999 година Генералното собрание на Обединетите нации го одреди 25-ти ноември како Меѓународен ден за елиминирање на насилството врз жените и ги покани владите, меѓународните организации и невладините организации да организираат активности за да ја подигнат јавната свест за проблемот.

Насилството врз жените претставува повреда на човековите права и е последица од дискриминација врз жените, и според законот и во практиката, како и на постојаните нееднаквости меѓу мажите и жените. Ова насилство влијае, но и го попречува напредокот во многу области, вклучително и во искоренувањето на сиромаштијата, борбата против ХИВ/СИДА и мирот и безбедноста. Сепак, насилството врз жените и девојките не е неизбежно, а превенцијата е можна и неопходна.

WebOhrid