29/03/2024
Регион/Свет

Меѓународен ден за сеќавање на жртвите од холокаустот

Програмата на Обединетите нации за холокаустот се обидува да го потсети светот на она што треба да биде научено од холокаустот, со цел да се спречат актите на геноцид во иднина.

Програмата беше создадена по барање на резолуцијата 60/7 на Генералното собрание на Обединетите нации, усвоена на 1 ноември 2005 година. Одделот за информации од јавен карактер на Обединетите нации ја презеде водечката улога во создавање на широка иницијатива со цел за поттикнување на развојот од страна на земјите-членки на ОН на образовните програми за холокаустот, и да се мобилизира граѓанското општество за едукација и свест.

Резолуцијата за „сеќавање на холокаустот“, исто така го одреди 27 јануари, како годишен Меѓународен ден за комеморација и сеќавање на жртвите од холокаустот, со церемонии и активности во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, како и во канцелариите на ОН во целиот свет.

Повикувајќи се на Универзалната декларација за човекови права, Генералното собрание на ОН потврди дека холокаустот, кој резултираше со убиство на една третина од еврејскиот народ, заедно со голем број членови од други малцинства, засекогаш ќе биде предупредување до сите луѓе на опасностите од омраза, нетолеранција, расизам и предрасуди.

Темата на церемонијата за одбележување на холокаустот оваа 2018 година ќе биде „Сеќавање и образование за Холокаустот: Нашата заедничка одговорност“. Темата ја нагласува универзалната димензија на Холокаустот и го поттикнува образованието за оваа трагедија, така што идните генерации цврсто ќе ги отфрлат сите форми на расизам, насилство и антисемитизам. Холокаустот беше клучна точка во историјата и неговите лекции имаат многу да учат за опасноста од екстремизам и за спречувањето на геноцидот денес.

WebOhrid