28/03/2024
Охрид

Меѓународна конференција „Реформите на безбедносниот систем како предуслов во евроатланските интеграции“

Свесноста за потребата од реформи, независно за кој општествен сегмент станува збор, е во суштина доказ за квантумот на одговорност, на зрелост, на волja на сите општествени чинители за динамично и квалитативно надградување на сите општествени системи. Реформите мора и треба да се разберат првенствено како нужност а во името на воспоставување повисоки, поефикасни, пофункционални општествено вредности и стандарди. Неопходност од која директно зависи стабилноста, развојот и перспективите на кое било општество“. Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање на почетокот од работата на деветата по ред Меѓународна конференција насловена како „Реформите на безбедносниот систем како предуслов во евроатланските интеграции“, што во наредните два дена ќе се одржува во хотелот Метропол во Охрид во организација на Факултетот за безбедност-Скопје, со поддршка на Фондацијата „Ханс Зајдел“ од СР Германија и Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, и под покровителство на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. 
Како што истакна министерот Спасовски – “безбедноста, сеопфатно сфатена, сосе сите нејзини сегменти (институционален, нормативен, концепциско-оперативен, кадровски и друго) колку што е внатрешен, национален односно општествен предизвик, во иста мера, еве веќе неколку децении, е и глобална, меѓународна тема – пар екселанс – која има свое неспорно големо влијание и врз севкупните актуелни геополитички, глобално-економски и цивилизациски токови“. Според Спасовски, сосема е легитимно и потребно науката да биде првиот чинител кој што ќе се фати во костец со сите такви предизвици, трагајќи по идеи, сознанија, предлози – како, што, и на кој начин да се стигне до оптимални и реформски настроени решенија.
На конференцијата  присуствуваат професори од над 15-тина земји меѓу кои од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Белгија, Бугарија, Словачка, Турција, Србија, Хрватска, Словенија, Обединетите Арапски емирати, Косово и други, а целта е да се поттикне академската заедница во изнаоѓањето решенија за идната поставеност на безбедносните системи со цел ефикасен одговор на современите ризици и заканите по безбедноста, односно дестабилизирачките фактори кои создаваат состојби на конфликти.