28/03/2024
Македонија

Меморандум за соработка помеѓу РСБСП и Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Србија

На иницијатива на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата претставници на РСБСП и претставници на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија,  на ден 23.10.2020 година,  во Белград, одржаа работен состанок со цел  унапредување на меѓусебната соработка, размена на искуство, знаење и добри практики за унапредување на безбедноста на патниот сообраќај во регионот и пошироко. 

За таа цел,  Претседателот на  РСБСП м-р Гордана Кожуваровска, и Директорот на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија, Јасмина Милошевиќ, во името на двете институции, потпишаа Меморандум за соработка кој претставува правна основа за понатамошно заедничко дејствување во повеќе сегменти од  областа  на безбедноста на  патниот сообраќај.

Согласно потпишаниот Меморандум за соработка, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија, во наредниот период ќе пристапат кон поголема заедничка соработка со цел унапредување на стручните знаења, размена на стручна и едукативна  литература,  размена на видео и едукативни материјали,  размена на искуства, знаења и добри практики, итн.  Покрај тоа,  двете страни се договорија за поттикнување и унапредување на регионалната соработка во областа на патниот сообраќај и се согласија на заедничка поддршка во дејствувањето на двете институции во рамките на меѓународните организации од областа на безбедноста на патниот сообраќај.

Посебен акцент  во соработката  помеѓу двете институции во наредниот период  ќе биде ставен на заедничка реализација на превентивно едукативни активности  во двете држави со цел едукација и заштита на  сите групи  учесници во сообраќајот. 

Безбедноста на сообраќајот на патиштата е национален,  но истовремено и регионален но и глобален проблем и предизвик.  Статистичките податоци покажуваат дека  во земјите од регионот на Југоисточна Европа бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди на 100 000 жители е поголем во однос на земјите членки на ЕУ и согласно тоа,  неопходно е безбедноста во сообраќајот  и регионалната соработка во областа на безбедноста на патниот сообраќај,  да се издигнат на едно значително повисоко ниво. Затоа, потенцирам дека повисоко ниво на соработка и  координиран заеднички пристап помеѓу сите надлежни институции во земјите во регионот е неопходен со цел унапредување на безбедноста на патниот сообраќај  во земјите во  регионот и со тоа  намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди  – потенцира Претседателот на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска, по повод потпишаниот Меморандум за соработка,  притоа  нагласувајки дека  РСБСП во наредниот период во таа насока  и ќе продолжи да  дејствува.