20/04/2024
Македонија

Мицкоски:Целта нa ВМРО-ДПМНЕ е обнова на Република Македонија

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани членови на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани членови на Унијата на Жени и Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани основачи и ветерани на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани пратеници, почитувани поранешни пратеници во Собранието на Република Македонија,

Почитувани градоначалници, почитувани поранешни градоначалници предложени од ВМРО-ДПМНЕ,

Драги гости,

Добра вечер,

Македонија е жива. Покрај сите бури, сите премрежја, сите пакости кои се случија овие 29 години, Македонија е жива. Тој вулкан на непокорот и најдлабокото чувство кое доаѓа од срцето и кое не прави горди, и среќни не само што тлее, туку татни. Татни затоа што покрај сите неправди и беспаќа секогаш го одбиравме потешкиот, но вистинскиот пат. А, ВМРО е чуварот на оваа земја.

Има приказни кои траат долго, и тоа е така затоа што оваа наша приказна има идеологија, цврста арматура во која кодот е ВМРО, а целта на нашето постоење е нашата Македонија. И еве не тука 29 години, потоа по сите премрежја и се она што го минавме особено последните години, ВМРО-ДПМНЕ се крева. И не само што сме на нозе, туку брзо чекориме, трчаме заедно со народот, да ја спасиме нашата земја од пепелта по која што го оставаат. Да изградиме иднина, да го фатиме чекорот со другите од соседството кои не поминаа. Но не само да ги стигнеме, туку нашата битка и нашата верба е да бидеме подобри од нив. Затоа што оваа земја мора по сите порази и сите  неразбрани трговци влезени во политиката да почне да победува. А, победата не е нешто недостижно. Потребно е само да се има сон, мотив и чест.

Тоа го имаше пред 29 години Драган Богдановски, човек со визија кој ги постави темелите на она што е ВМРО-ДПМНЕ денес.

Тој во референдумскиот манифест во 1991 година ќе напише – „Покрај мрачната страна на политичките огледала во кое се топи ликот на Македонската Република, постои и светла страна. Интересите на Македонија бескомпромисно и неуморно ги заштитува татковинската илинденска партија ВМРО-ДПМНЕ кој во судбоносните историски моменти се потврди како борец за независна македонска држава. Иако шиканирана од власта, прогонувана, клеветена, ВМРО-ДПМНЕ исполнува во политичкиот живот на Македонската Република многу важна улога бидејќи таа е носител на илинденскиот идеал на македонскиот народ за независна држава“, ова го напиша Драган Богдановски. А, тој го продолжи она што пред 126 години го создадоа 6-мина македонски интелектуалци. Тргнаа зошто веруваа. Пострадаа, зошто не се откажаа. Тие за време на нивните животи не успеаја, но успеа нивната идеја, а таа е една и единствена Македонија. И ова го кажувам не за да бидам неискрено сентиментален, туку за да доловам каква обврска имаме сите ние, и каков грамаден товар на човечки судбини, идеи и верувања сочинува нашата партија, каде честа, слободата и човекот се најголемата вредност. А, нашиот сон за Европа, и за европските вредности, наспроти искривувањето на вистина и смислените етикети кои ни ги редат од власта за да го покријат сопствениот неуспех, е дел од нашата најцврста арматура врз која се градат нашите политики. Ние не веруваме во подарени чуда, во розови очила, тоа не постои, туку веруваме во сопствениот труд, и во сопствената чест и честитост. А, ВМРО е чест, идеологија, и вредности. И веруваме во Македонија!

И низ овие 29 години во ВМРО-ДПМНЕ се вградија многу поединци, цврсти индивидуи, оставија траен белег, интелектуалци, научници. Сите со свој придонес. Имавме  грешки од кои учиме, и подвизи со кои се гордееме. И денес имаме подадена рака кон сите, кон секој еден човек, кон секој кој поседува потенцијал, мотив и верува дека можеме да донесеме промена и да успееме.

И од оваа перспектива две работи се сигурни: Првата е сигурна, а тоа е дека СДСМ паѓа, а втората е уште посигурна дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот ќе победува.

Заев е на колена и во сопствената кал, а ВМРО-ДПМНЕ по изборите кога и да се случат ќе ја формира новата Влада со која Македонија ќе оди вистински напред. И немојте да мислите дека заборавам од каде почнавме, но и низ се што поминавме овие речиси две години. И оние кои веруваа од почеток, но и оние кои не веруваа, а поверуваа дека можеме, но оние кои сеуште кои не веруваат, а знам дека ќе поверуваат, ви велам СДСМ и Зоран Заев е тргната по удолнина од која нема враќање, а ВМРО-ДПМНЕ од ден на ден станува се посилна, се поорганизирана и свесна дека не чека многу работа за да Македонија да успее. А, победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победа на Македонија! И ова од овде, на овој 29-ти роденден ви го ветувам.

Ова е битка во кој влегов свесно, во која влегов со целото мое срце, знаење и чест. И во која ја вложувам мојата душа и себеси. И нема да отстапам, нема да отстапам поради мојот карактер, поради иднината на нашите деца, поради секоја солза која пушта обичниот човек, поради неправдите и сиромаштијата, поради одземената иднина, поради мајките кои плачат за своите деца кои си одат од земјава, поради сите наши луѓе кои чесно и даваат на оваа земја без да побараат повеќе од тоа што вложуваат. Македонија ќе успее, затоа што едноставно нема простор повеќе за неуспесите, простор и време.

И има и такви кои ми велат народот не го сака Заев, ама гледај се му поминува, а народот молчи и на крај останува убеден во тоа. И секако дека не можам да се сложам во тоа. Не успеаjа да го скршат духот на Македонецот, а се обидоа. Но народот не може да се измами. И само што помислиа дека им помина, дека таа колективна психоза на разубавениот свет на Владата и вештачката среќа која треба да ја угуши тешката и болна реалност и вистинската несреќа, она психолошко насилие врз колективниот ум кој го применува оваа власт, ќе се распрсне како меур од сапуница, кога од 50-тина илјади грла од плоштадот Македонија бодрејќи го европскиот шампион Вардар ќе ве соочат со неуспехот на Власта и тие изнасилени и вештачки политики, порачувајќи и пеејќи дека „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“, се сеќавате тоа е оној истиот рефрен кој што овој Зоран Заев пред платото на Владата на Република Македонија се срамеше да го пее. Е таквиот пркос покажува дека броени се деновите на Заев, и никој не победил народ. Дека со сила убавина не бива. Дека за добар живот не треба уставна гимнастика, туку многу работа, онаква работа каква што денеска од оваа антиреформска и антибизнис влада не гледаме.

Почитувани пријатели,

Велат секој век, има свој среден век. Ама изгледа овој темен период ќе да се задржи највеќе во времето кога Зоран Заев и СДСМ се на власт, затоа што не уназадија со години и години наназад. Да не се заборави дека оваа Влада, како ниедна во овие 28 години македонска независна суверена држава ги имаше сите услови, целата поддршка и шанса за да успее, но толку едноставно и бил капацитетот, не само што не успеаја, туку доживеаја дебакл, и по упропастувањето на европската перспектива на земјава нема ниту една единствена причина за поддршка на оваа влада.

И некако премиерот како да има целосно отсуство на општествената категорија прифатена во целиот цивилизиран свет, наречена срам. Овој човек не само што не го гризе совест, туку и нема срам што пред една година така насмеан од владиниот авион се пофали дека добил датум за преговори, па дури и организираше славје за датумот, и истиот човек ни вели дека и оваа година го добивме, а всушност ниту лани ниту оваа година ние го добивме датумот со кој нашата европска перспектива ќе биде загарантирана. И кога увиде дека нема датум, малиот деспот почна да се заканува на големата Европа и нашите партнери, дури и да станува Евроскептик, дури поголем од оние Српски Двери од каде ја препишуваше програмата за живот.

Вака како што тргнал може да почне кампања нема правда, нема ЕУ. Но треба да си погледнеме во очи и да си кажеме дека нема Датум за преговори не затоа што Европа не не сака, туку затоа што владата не ја бива. Ние сме земја каде власта брка од работа кутар хигиеничар кој фрлил 200 грама прашина во Вардар, а премиерот што бараше 200 илјади евра мито, евро за брат му, евро за знаеме кого, влакно не му фали. Ние сме земја каде што пред да се отворат тендерските понуди се знае кој ќе го земе тендерот, не затоа што опозицијата е ние сме видовити, туку затоа што Власта ги мести тендерите и тоа станува јавна општо прифатлив факт и јавна тајна. Земја каде поединци чиј грб е владата хараат и рекетираат низ земјата, додуша дел од тие беа порано и нас. И сето ова ќе се согласите и не е баш Европски. Токму затоа нема датум. Но жалењето врз заедничката судбина нема да ни помогне. Прашањето е како понатаму, што е следниот чекор?

Некој ќе си помисли дека ќе го копираме однесувањето на СДСМ, да создадеме криза, ќе почнеме демонстрации, блокади, непослушност, ќе шараме по објекти, да се пресметуваме со полицијата. Да им порачуваме се сеќавате на онаа млада дама што им порачуваше на нашите херои, полицајците, така правеа тие. Тоа нема да го направиме во овој момент. Туку јас ќе се борам за Македонија, ќе се борам Македонија да добие датум за преговори, да не се испушти и оваа шанса. Не затоа што реално оваа влада сработи, туку за да граѓаните не бидат заложници на неспособната Влада. За да има уште една контрола врз разузданата власт потопена со криминал и корупција.

Ја користам оваа прилика овде да зборувам малку и за оние кои немаат доволно трпение па се обидуваат брзоплето да креираат сценарија во кои што  се знаат, а ние треба нив да ги слушаме. Затоа ако не сме ги слушале немало да ја добиеме нивната поддршка. Би сакал малце и за тоа да позборуваме денеска на оваа 29 годишнина. Дали можеби историската брзоплетост и нетактичност во дадени моменти го чинела македонскиот народ, македонската нација непотребна жртва во борбата за сопствена суверена и самостојна држава. Немањето трпение, чекањето на вистинскиот момент кога треба да се зададе конечниот удар, се поставува прашањето дали поради тие изливи и крици ние денеска треба повторно да ја повториме некоја историска грешка во минатото и да војуваме со туѓи синови во неизвесна иднина. Дали треба повторно да ја повториме некоја историска грешка кога не сме биле доволно мудри, трпеливи и тактични. Во нашата честита и искрена борба за независна и самостојна македонска држава со име Република Македонија. Мислам дека храброста не ни недостасува, напротив овде во оваа просторија но и секаде во Македонија ја има. Македонскиот народ докажал во историјата дека е храбар, докажал дека е мудар. Ајде сега да бидеме трпеливи. Да одиме методолошки чекор по чекор, најпрвин сите заедно од прв до последен да го поразиме Зоран Заев и оваа негова влада. Владата на СДСМ и ДУИ. Ајде прво нив да ги поразиме, да направиме Влада која што ќе работи макотрпно, пеколно ќе работи секој ден, ќе се натпреварува самата со себе. Да ја внесе Македонија во семејството на европските народи. Па таму толку колку што сме, толку колку што не има, а не има доволно, да победиме од внатре. Да ги убедиме нашите сојузници и пријатели за македонската посебност, за вековната борба на македонскиот народ и на македонската нација, за суверена сопствена држава под името Република Македонија. Ајде оваа методологија да ја направиме. Ако сега погрешиме, ако сега избрзаме се плашам дека ќе нема следна генерација Македонци која што многу брзо ќе може да ја корегира таа грешка. Ајде трпеливо мудро да ја градиме нашата иднина. Да го растераме овој Дамаклов меч кој што надвиснал над нашата татковина. Ајде да го поразиме злото во Македонија денес за да и се раздени утре. Ајде да го видиме македонското сонце како една нова ѕвезда на знамето на обединета Европа па од внатре да работиме за македонската кауза и за македонската држава. Јас така и никако поинаку не ја гледам иднината и заштитата на националните интереси на македонскиот народ и македонската држава Република Македонија.

Не сум подготвен навидум по полесниот и поедноставниот пат да војувам заедно со македонските синови во неизвесна иднина. Но подготвен сум заедно со сите вас да одам по потешкиот пат кон извесна иднина. Само така македонската вековна борба ќе успее. Ајде ве молам да не ги повторуваме грешките од минатото. Ние сме доволно храбри, доволно мудри да бидеме доволно трпеливи. Дојдете да се обединиме сите вие кои што мислите и цените дека нашата борба е исправна, и нашата борба против овој Дамаклов меч кој што надвиснал над Македонија и кој што не срами секаде по Европа каде и да оди треба да се растргне. Сега е вистинскиот момент, вратата е отворена, повелете придружете ни се заедно да го растераме ова зло кое што надвиснало над Македонија.

Драги пријатели, браќа и сестри,

Реалноста не се фалбите на владата со измислените бројки. Не е ниту купувањето на социјалниот мир. Сето ова се распрснува пред налетот на реалноста. А, реалноста можеме да ја најдеме и во секојдневни примери. Нејзе ни ја отслика Симон Андов од Неготино. Овој млад човек не го познавам, но неговата приказна пренесена во медиумите беше најголемата негација на розевите очила на Владата. Млад човек дипломиран правник со висок просек, специјалист и магистер по европско право на Универзитетот Нанси, во Франција, магистер по европска интеграција на Универзитетот во Ремс, Франција, кој говори три европски јазици и што е најважно, има мотив и ентузијазам да работи за сопствената држава. Се вратил дома за да конкурира за почетничко вработување во МНР, со многу верба и труд, но бил одбиен и тоа без многу објаснувања, поради застарено лекарско уверение. Симон кажа, збогум на Македонија и отпатува. За жал Македонија има многу вакви примери како Симон кои се иселија од земјава, барајќи ја среќата таму некаде далеку, а нашата земја се ситни, губи. Не има се помалку, и ова е проблем низ целата држава. Од Тетово до Гевгелија, од Делчево до Дебар. И не се само луѓето кои отпатуваа поради лошиот стандард, се повеќе луѓе си заминуваат затоа што ја губат вербата во системот, иако имаат солидни примања. Зошто има неправди, пустош, пепел. Несигурност.

Но сето ова нема да го видите на спотовите кои СДСМ ги пушта на националните медиуми, а кои сега само затоа што се власт не им преставуваат проблем и сега тие истите спотови за нив не се некаков вид на тивка корупција. Но тоа е некоја друга тема на која што ќе зборуваме во други прилики. Но она што сакам да го зборувам е што во овие спотови кои делуваат надреално ќе слушнете фалби дека изградиле стотици километри автопатишта, дека изградиле десетици градинки, дека наводно гасификацијата ја тераат со огромно брзо темпо и се така по ред, всушност ако сте заборавиле некој проект од владите на ВМРО-ДПМНЕ ќе го видите во спотовите на СДСМ прикажан како нивен. Зошто совршено јасно е дека СДСМ и Зоран Заев немаат завршено ниту еден, повторувам ниту еден свој проект. Нема таква работа. И овие нивни спотови во кои се изнаприкажаа и се изнаслушавме фалби завршуваат со една парадоксална порака која се почесто ја употребуваат луѓето од раководството на нивната партија а тоа е „Зборот Важи“! Но вистината е дека со СДСМ и Зоран Заев имаа еден збор што ги отсликува, а тоа е зборот „лажи“! Со овие луѓе зборот не важи, туку само зборот лажи.

А, лажи зошто нема никаде 500 евра плата како што ветуваа, лажи затоа што нема ниту 1.500 евра плата за докторите, ниту пак поврат на ДДВ. Странските инвестиции се рекордно најниски во кварталот на 2019 година, а воедно имаме досега рекордно најниски капитални инвестиции, не затоа што не го собираат данокот од стопанството и граѓаните, толку ги бива. Не знаат ништо да изградат. Со Заев и СДСМ зборот лажи зошто дупката во буџетот се зголемува, а единствено што расте е задолжувањето.

И ваквата економска катастрофа за да се покрие секогаш како од ракав власта вади вештачки теми. Па така како што лажно се прикажуваа за европејци, продолжуваат лажно да се прикажуваат за душегрижници за соживотот. Нема нема, па ќе им текне да направат некаков договор под радар, како оној што се зборува дека бил направен во Тетово, а кој премиерот не го негираше. Па ќе  стане тема пописот кој сакаат да го наместат или промена на изборниот модел, а на крај, сосема на крај под прашање ќе се постави и политичкиот карактер на Република Македонија. И во тоа ветување Заев само за да си ја осигура фотелјата нема мера. И ако може за сето ова да се обвини ВМРО-ДПМНЕ дека премногу радикално сме реагирале со неколку етикети попатно би биле задоволни. Но овој пат така не може. Ниту пак ВМРО-ДПМНЕ ќе наседне затоа што ние сме сигурни и знаеме дека кај Заев нема ништо поврзано со соживот, се е околу парите. Зошто ако му беа важни другите заедници и му беше важен соживотот ќе изградеше водовод во Арачиново, ќе изградеше училиште во Желино, спортска сала во Куманово и има редица други проекти што ги ветуваа. Затоа власта никогаш нема да ја гледам низ призма на тоа колку романтичарско заводливи теми можам да отворам и ветам, туку колку можеме да исполниме за граѓаните кои насекаде подеднакво лошо живеат. И Власта во оваа држава не зависи ниту од Али, ниту од Бујар, ниту од Села или Гаши, исто како што не зависи ниту од мене или Зоран Заев. Туку зависи од Марко, зависи од Идриз, Агим, Стојан, Марија, Шпреса, Христина и илјадници други граѓани. Власта зависи од народот кон кој треба да се обврзе и да му ги реши реалните проблеми. Нашата борба е борбата за подобар стандард и подобар живот. Сите договори со партиите кои ќе ги правам ќе бидат токму на оваа основа, на принципи и вредности. Земјава е уморна од романтизам и стапиците на власта кои не носат ништо добро.

И не постои метла та која ја ветуваа. Тој процес завршува во ново фијаско, каде сосема извесно е дека си создаваат круг во кој едни функционери слични на другите ќе си ги заменат фотелјите, ако воопшто и тоа се случи. Но таму Заев и неколкумина како него се проблемот. Народот му подготвува метла на Заев, а потоа, потоа треба да се одговара за сторениот криминал и да се обновува земјата.

Би сакал накратко да ги споменам и постулатите на нашата борба.

Се борам за Македонија во која ќе има Правда. Правда за обесправените, правда за прогонуваните. Правда за сите оние кои што денеска се жртва на политичкиот прогон, угнетени, тероризирани, за сите маченици кои што се осудени на затворски казни повисоки од два века. Правдата значи заштита на чесните, но борба против нечесните, криминалците. Ние мораме да станеме земја каде судиите кои правдата е ја испорачуваат од словото на Уставот и законите, а не од словото на партиската книшка или притисок. Мораме да имаме обвинители кои нема да бидат корумпирани, ниту пак да флертуваат со неправдата.

Се борам за Македонија каде работата ќе се вреднува. Треба многу работа, многу труд. И подготвен сум да ја вложам сета моја енергија, знаење и стручност. Нема запирање, нема воздишки, нема простор за изговори. Мора да се работи и секој мој соработник да го следи ова темпо. Само така можеме да создадеме држава каде ќе имаме, стандард и успеси.

Се борам за Македонија каде граѓаните ќе имаат стандард. Каде ќе бидат економски силни. Невработените да најдат работа. Вработените да имаат сигурност и повисоки плати. Но и повисок стандард не само животен, туку и во образованието, науката, културата.

Се борам за Македонија која има успеси. Каде Вардарци ќе ја имаат третата титула шампиони на Европа. Каде македонската фудбалска репрезентација ќе не преставува на Европското првенство. Македонското сонце да стане ѕвездата која ќе свети пред зградата во Брисел. Ќе победиме, гледам почнаа да не копираат само За сето оваа да го направиме ни треба обнова на Македонија.

Ние Македонците сме покажале дека можеме да успееме.

Зошто успехот не е ништо друго освен научените лекции од минатото, труд, постојанство и многу работа.

Денес сме соочени со порази, измами кои се нашето секојдневие, уништување на создаденото, и неумеење да се изгради ново. Неправда, пепел која ни го одзема духот, и ни ја уништува иднината.

Не е ова домот кој го сакавме да го изградиме и местото каде сакаме да проодат нашите деца, нашите внуци.

Не е само немањето на работа, или немање на добро платена работа проблемот кој денеска го мачи човека е многу поголем. Проблем е системот кој толку многу пропаѓа, уништува, го тера човека да назадува и покрај сите квалитети и способности на поединецот. И токму затоа нашите кои тука се отфрлени, во другите развиени земји се на пиедесталот како најдобри, најпосакувани и најуспешни. Ако таму можеме да успееме, можеме и дома.

А, секој од вас знае дека ова не може ова вака да продолжи, затоа што ние ниту имаме втор живот, а ниту пак имаме резервна татковина.

Затоа ни треба обнова, обнова на Македонија. Обнова на уништеното, пеплосаното, устоличување на вредностите и принципите за кои вреди да се бориме.

Дали  знаеме како? Јас велам дека мора да знаеме како.

Илинденците се бореа, партизаните успеа. Здружени, силни. И се имаа еден покрај друг. Секоја генерација со своја борба. Доаѓа времето кога мораме да ја обновиме нашата земја, да ставиме крај на работите со кои не одело досега, да го исправиме она што било погрешно, и да го мобилизираме секој еден ум, поединец и човек кој е подготвен да се вложи во обновата на Македонија.

Обнова која ќе донесе правда, работа која ќе донесе стандард во секое поле, стандард за сиромашните, за стопанството, во земјоделието, здравството, образованието, спортот, а сето ова ќе донесе успеси кои требаат на нашата земја.

Сонцето ќе се вее силно и гордо, исто како што нашето сонце ќе стане ѕвезда во знамето на Европската Унија.

Знам дека ова е тежок пат, но исто како што знам дека ова единствениот сигурен и исправен пат. А, Македонија мора да успее. А, успехот е во генот на истрајните, храбрите и мудрите.

Секој од вас, секој еден од вас и треба на Македонија, со сиот свој потенцијал, знаење и со целото свое срце.

Нашата цел е обнова на Македонија!

Ви ветувам обнова, а за таа цел и во името на таа цел победа на следните парламентарни избори.

Победа! Заедничка победа!

ВМРО-ДПМНЕ нека ти е среќен и вековит роденденот!

Да живее Република Македонија!

Да живее ВМРО-ДПМНЕ