20/04/2024
Македонија

Мицкоски на средба со Борисов, Жозеф Дол

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Софија оствари средба со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов и Претседателот на Европската народна партија, Жозеф Даул.

На средбата се разговараше за европската агенда на регионот и зајакнување на соработката во рамките на Европската народна партија чиј составен дел е и ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Мицкоски нагласи дека стратешки приоритет преставува членството во ЕУ како суштинска ориентација преку која треба да се овозможи унапредување на стандардите и овозможување на шанси за напредок. Мицкоски посочи дека Република Македонија за жал има реформски процес кој се одвива под посакуваното ниво и планот на владата 3-6-9 останува неисполнето слово на хартија. Потребни се клучни подобрувања пред се реформа на судскиот систем, поддршка на економијата и стопанството и нејзин суштински развој, каде за жал досега имаме еден од најслабите економски резултати како држава, како и мерки за овозможување на квалитетно образование како клучен столб за развој на едно општество, додаде Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во разговорот со бугарскиот премиер, Борисов посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е за развивање на добрососедски односи, кои се темелат на принципи, чесност и искреност.