28/03/2024
Охрид

Мицкоски присуствуваше на одбележувањето на почетокот на Илинденскиот марш од Охрид

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера присуствуваше на свечената литургија во црквата „Света Троица Педесетница“ на одбележување на почетокот на Илинденскиот марш на патриотското здружение „Христо Узунов“ од Охрид до Крушево по повод празникот Илинден.

„Традицијата е она што не обележува, разликува, обединува. А кога Македонија е во прашање, тогаш таа е непресушен, силен и бескраен извор. Се додека има верни чувари на традицијата, Македонија ќе биде горда и стаменита, се додека има млади луѓе кои ја почитуваат, Македонија е жива, тој пркосен сон на многу срца денес оптоварен со силни предизвици и турбулентни времиња”.- истакна Мицкоски.

Мицкоски заедно со охриѓани ја испрати охридската илинденска пешадија која е дел од Илинденскиот марш кој ќе заврши во Крушево на ден Илинден, 2 август. На учесниците на маршот им посака лесен пат, но и оддаде почит на волјата на пешадијата, бескрајна посветеност за заедничка идеја, традиција и љубов – Македонија.