24/04/2024
Македонија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ работи посветено на Новата програма за граѓаните

На масовниот протест кој вечерва се одржа пред македонската влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски потенцираше дека се работи посветено на Новата програма за граѓаните.

-И тоа ќе биде нашиот патоказ и нешто по што сите вие ќе може да ја направите разликата. Нешто со што верувам дека ќе се гордеете. И да споредите што носи во себе оваа нова генерација на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе споменам само дел од она на што работиме: ќе го намалиме данокот на добивка за фирмите на половина, за оние кои втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места. Даноците ќе паѓаат, ќе ја укинеме зголемената акциза за дизел горивата, нов лик на здравството преку масовен пакет на реконструкции, изградба на нови болници и масовно вложување во медицинскиот кадар, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година, ќе се обврземе за 50 отсто поголеми плати за образовниот кадар за целиот мандат, за 40 отсто поголеми пензии за целиот мандат и уште многу други решенија за реалните ваши проблеми, рече тој.

Најави и дека за многу кратко време ќе биде претставена новата програма.

-Јас Христијан Мицкоски седам овде пред вас со име и чест и ви велам, ќе победиме. Ќе победимееее! Ќе победиме заеднички сложно, обединето, народот ќе триумфира над неправдата и понижувањата кои имаат свое име и презиме, Зоран Заев. 2 јуни е почетокот на крајот на ова неславно владеење. Стани горда Македонијо. Ти, пркосна, достоинствена, стаменита наша татковино! Доаѓаат времиња на предизвици, но во тие искушенија нашиот народ бил највелик, затоа што знаел на своите плеќи да ги носи сите порази, но и победи. И секогаш се исправал, дури и тогаш кога сите го отпишувале и се откажувале од него. Пренесете ја пораката по градовите и селата дека Македонија се буди. Македонија се разбуди денес, Македонија е на нозе. Заедно сум со вас, се до конечната победа, затоа што верувам со целото мое срце дека Македонија ќе успее, порача Мицкоски.