25/04/2024
Македонија

Мицкоски: Зоране, го урнисавте целиот преговарачки процес за името!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски во дуелот со Зоран Заев, истакна дека премиерот го урнисал целиот преговарачки процес за името со егзибиционистичкото водење на процесот на преговори.

Тој вели дека Заев преговорите за името ги започнал егзибиционистички и така ги завршува. Мицкоски констатираше дека со прифаќање на ерга омнес решение, односно име за севкупна употреба, Заев ги кренал очекувањата кај грчката страна со што се загрозиле преговарачките позиции на Македонија, а во иднина очекувањата на грчката страна само ќе растат.

На овој начин, вели, се отежнува преговарачкиот процес на било која иднина влада која преговара за решение на проблемот со името.

„Господинот Зоран Заев излагаше на телевизија, на национален медиум каде што пред граѓаните на Република Македонија кажуваше дека нема да преговара за уставното име на Република Македониј.Господинот Заев за германски Шпигл ќе каже „Нема да го барам решението во промена на Уставот“ . Господинот Заев денеска тука ќе каже дека „го спасил достоинството“. Како го спасил? Не сте го спасиле господине Заев. Вие, Зоране, сте го урнисале целокупниот процес на преговори некој што со години го создавал“, вели Мицкоски.

Во повеќе наврати Мицкоски го потсети Заев на неговите изјави за македонски, но и странски медиуми меѓу кои и за германскиот весник Шпигл во кои тој вели дека нема да преговара за промена на уставот на Македонија.

Мицковски уште еднаш го потврди ставот на најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да прифати промена на уставот со цел промена на уставното име.