19/05/2025
Спорт

Милијана Релиќ со нов сребрен медал поблиску до ЛОИ во Лос Анџелес 2028

Сребрен медал и нови 7.20 поени за олимписката ранг листа за квалификации за Лос Анџелес 2028 година освои нашата олимпијка и најдобра спортистка за 2024 година, Милијана Релиќ. Успехот го постигна на силниот Г-1 турнир во таеквондо во Криштианштад, Шведска.

Во првото коло Мила беше поуспешна со 2-0 од домашната натпреварувачка Нора Хогфелт, во второто коло Мила ја победи и шведската репрезентативка – одличната Тиндра Андерсон, исто така со 2-0. Во полуфиналето, Мила извојува одлична победа над Чиа Веи Ванг од Тајпеј со 2-1 во рунди, а во финалето беше поразена од хрватската натпреварувачка Дора Мештровиќ, но и оваа борба, според тренерот Александар Ефтимов, Мила можела да ја добие доколку немало судиските грешки кои ја одземале победа. Мила веќе ја имаше поразено Дора Мештровиќ пред 1,5 година на Европското првенство до 21 година во 2023 во Романија.

Од ТКД Тигри настапи и Горјан Бадаровски кој освои бронзен медал во категорија сениори +87кг. Горјан, со победата од 2:0 во рунди над Расму Бремдинг од Шведска обезбеди бронзен медал, иако во полуфиналето беше поразен од вториот Швеѓанец Густав Карлсон. Ова е одличен резултат и за Горјан кој после 1,5 година учество на Г турнири, за два месеци освојува два бронзени медали. Првиот на Скопје Рамус Г-1 опен во март годинава.

Од Македонија свое деби во сениорска конкуренција имаа и младите Христијан Симоновски и Давид Божиновски од ТКД Младост, кои прикажаа одлични борби.

Relic-2.jpg


WebOhrid / 05.05.2025 / MOK