20/04/2024
Охрид

Милошевски: Ќе направиме ефикасна и модерна Општина

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, денес одржа прес-конференција на која истакна:

„Локална самоуправа која ќе се одликува со концепт на работа, чесност, отчетност и одговорност е тоа што му треба на Охрид и охриѓани. Отворена општина, општина што работи заедно со граѓаните треба да биде целта на секоја Локална самоуправа.

Со нови начини на организирање на работата, навремени реакции, достапност и услужност за граѓаните ќе направиме ефикасна и модерна Општина. Кој прв ќе дојде, тој прв ќе добие услуга. Воведување антикоруптивна мерка со која нема решавање предмети преку ред. Нашите луѓе имаат капацитет, тие се вредни и чесни луѓе, секој стручен во својата област и треба да се искористи нивното знаење и посветеност кон работата. Буџетските средства мора да се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно.

Проектот „Е-Охрид“ во програмата За поубав Охрид, предвидува воведување на комплетна дигитализација на сите внатрешни бизнис процеси во Општината како и воведување на електронски сервиси за граѓаните и компаниите. Со внатрешната дигитализација во прва фаза ќе се дигитализираат сите податоци од секторите за: даноци и комунални такси, урбанизам и заштита на животната средина, комунални дејности, сообраќај и улици, туризам и локален економски развој, јавни дејности, финансиски прашања и правни прашања, за потоа во втора фаза се обединат во еден интегриран систем кој ќе биде јавно достапен за граѓаните и бизнис заедницата со цел сите услуги кои ги дава општината, граѓаните и бизнис заедницата да ги остваруваат по електронски пат.

На овој начин, комуналната такса за привремен престој ќе може да се пријавува и плаќа по електронски пат, поднесувањето на даночни пријава и плаќањето на данокот на имот ќе може да се поднесува и плаќа по електронски пат, издавањето на Изводи од урбанистички план и други податоци со кои располага општината исто така ќе може да се поднесуваат по електронски пат, а документите да се подигнат било на шалтер на општината, било на посочена адреса или на емаил на барателот. Со овој проект значително ќе се забрза работата на општинските служби, ќе се намали можноста за корупција и ќе се доближи општината до граѓаните.

Преку проектот „Промена во одданочувањето“ ќе се спроведе промена во даночните стапки за викенд куќите и становите, со цел поголема сеопфатност.

Исто така ќе се спроведуваат „Основни ИКТ обуки за граѓани“ во бесплатните интернет клубови, а приоритет ќе имаат повозрасни лица и лица од социјално маргинализирани групи. ИКТ обуките ќе се организираат за основни вештини за практично работење со компјутер и интернет (Word, Excel, PowerPoint, Outlook, Skype).

Број 5 за ефикасна Локална самоуправа,

Број 5 за отворена Општина,

Број 5 за Локална самоуправа која ќе се одликува со концепт на работа, чесност, отчетност и одговорност со цел да одговориме на модерните форми на менаџирање со општината.

Број 5 за убав град!

За убав Охрид, Охрид повикува!“ – истакна Милошевски.