23/04/2024
Македонија

„МиниАРТура“ на ДЛУМ првпат е изложен во Белград

Проектот на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) „МиниАРТура“, првпат е изложен во Белград, со што добива меѓународен карактер. ДЛУМ го надгради статусот на проектот „МиниАРТура“ иницирајќи соработка со УЛУПУДС – Друштвото на ликовни уметници, применети уметници и дизајнери од Република Србија…
„Минијатурата е концепт во експанзија затоа што во својот израз опфаќа повеќе димензии на артистичкиот талент и умешност. Од тие причини неопходно беше излегување од локални рамки и давање можност на уметниците за меѓународна афирмација.
Ова, деветто издание на ‘МиниАРТура’ претставува уште еден уметнички предизвик за врвните мајстори на четката и палетата каде што минуциозноста на потегот, обезбедува висок личен квалификатив“, изјави Христијан Санев, претседател на ДЛУМ.
 Создавање уметнички израз во мали димензии односно формат, каде според веќе усвоените пропозиции делата можат да бидат со максимални димензии 10х10 сантиметри, е високо ценет израз во светски рамки.
На изложбата се застапени повеќе од 130 дела работени во сите ликовни техники.