25/04/2024
Спорт

Минимален пораз на Вардар од Зенит во Санкт Петербург

Уште еден пораз на Вардар во натпреварите од групната фаза од Лигата на Европа. Зенит вечерва ја оправда фаворитската улога, и го совлада нашиот тим на стадионот на Зенит во Санкт Петербург. Вардар одигра одлично во второто полувреме, со неколку обиди кои што беа одбранети од страна на Лодигин. Сепак, во финишот од средбата Блажевски успеа да погоди во голот на Зенит, но предоцна да се стори нешто повеќе од оваа средба во која што Вардар доживеа минимален пораз.

Први во натпреварот се заканија фудбалерите на Вардар кога уште во првите секунди од мечот Итало упати прецизен, но млак удар кој што не беше доволен да го загрози голот на Зенит. Во 4. минута Полоз се обиде, а во последен миг блокираше Новак, и топката заврши за малку крај голот во корнер.

Зенит дојде во водство во 16. минута. Рускиот тим изведе аут по десната страна, Дзјуба добро се загради, го проигра Полоз кој што шутираше прецизно во десниот агол.

Се играше 26. минута, акција на Зенит по десно преку Шатов, упати удар кој што Гачевски го одбрани, изби во петерецот, а врз Дзјуба стартуваше Новак, и судијата покажа на белата точка. Меѓутоа обидот на Дзјуба прекрасно го одбрани Гачевски, а одбраната на Вардар исфрли во корнер, со што нашиот голман не дозволи да биде 2:0 во тие мигови.

Три минути подоцна обид на Николов кој што оди само над голот, а во финишот од првиот дел, поточно во 43. минута се тресеше мрежата на Гачевски по втор пат. Акција по десната страна каде што топка доби Полоз, не се реши да проигра, туку сам тргна кон голот, а неговиот обид од дваесетина метри оди прецизно во голот на Гачевски. За жал и покрај желбата Вардарци по првиот дел имаа негатива од два гола, и тешка мисија во вториот дел да стигнат и да извлечат добар резултат.

Нашиот тим на стартот од второто полувреме тргна со желба да постигне гол и да проба да го стигне водството на Зенит од првиот дел. Најпрво во 52. минута обидот на Џигаури оди во рацете на Лодигин. Во 59. минута шутот на Фелипе го одбрани чуварот на мрежата на Зенит, а истото сценарио се повтори и во 66. минута. Во 70. минута шутот на Барсегјан оди само над голот, а во 72. минута најдобрата шанса за Вардар. Џигаури шутираше прецизно во горниот лев агол, каде што Лодигин мораше со крајни напори да спасува. Во истата акција повторно Барсегјан се обиде, овој пат беше прецизен, но Лодигин успеа да спаси. Лодигин го одбрани и ударот на Блажевски во финишот од средбата.

Сепак, Вардар ќе успее да ја затресе мрежата на Лодигин со прекрасниот погодок на Дејан Блажевски. Фелипе нафрли од корнер, а Блажевски со волеј удар од дваесетина метри убаво ја испрати топката во долниот десен агол. Тоа беше погодок кој дојде предоцна за да може да се стори да се избегне нов пораз во Лигата на Европа, а Вардар првите бодови ќе ги бара на последниот дуел со Розенборг на домашен терен.

ЗЕНИТ – ВАРДАР 2:1 (2:0)

Зенит Арена во Санкт Петербург, Русија. Гледачи: 38.196

Судија: Барт Вертентен (Белгија).

Стрелци: 1:0 Полоз 16’, 2:0 Ригони 43’, 2:1 Блажевски 90’+3

Ж. Картони: Терентјев (З) – Демири, Хамбарџумјан (В).

Ц. Картони: /

ЗЕНИТ: Лодигин, Терентјев, Мевља, Мамана (87’ Карпов), Жирков, Шатов (46’ Дриуси), Нобоа, Ерокин, Полоз, Дзјуба (73’ Краневитер), Ригони.

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири, Марковиќ, Николов, Фелипе, Џигаури (92’ Петковски), Барсегјан (84’ Стојчевски), Итало (79’ Блажевски).

СТАТИСТИКА

ЗЕНИТ ВАРДАР

59% посед на топка 41%

8 корнери 4

9/5 удари/во 12/8

18 прекршоци 11

4 офсајди 1

1 ж. картони 2

0 ц. картони 0

1/0 пенали 0

Извор: fkvardar.mk