19/04/2024
Македонија

Министерката Дескоска се сретна со Тереза Моран

Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, денеска во Министерството за образование и наука во посета ја прими г-ѓа Мари Тереза Моран, заменик раководител на одделението при Генералниот директорат за проширување на Европската комисија.

На средбата, стана збор за отпочнатите реформи во образованието, ставајќи акцент на Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025, која треба да биде рамката на активности според која ќе се движат процесите во образованието.

Во тој контекст, министерката Дескоска истакна дека во тек е усвојувањето на добронамерните предлози кои пристигнаа од стручната и академска јавност, кои произлегоа како резултат на јавната дебата која беше организирана во Собранието на Република Македонија.

Покрај ова, министерката Дескоска потенцираше дека Сеопфатната стратегија за образованието треба да биде усогласена и со реформите кои претстојат на сите нивоа на образование. Притоа, таа ја подвлече потребата од реафирмирање на автономијата на универзитетите и унапредување на квалитетот на основното и средното образование, за кои пристигнаа одреден број на предлози и коментари во однос на текстот на сеопфатната стратегија.

Министерката Дескоска истакна дека во наредниот период ќе се усвојуваат пристигнатите предлози, а дека се очекува на почетокот на новата година, Сеопфатната стратегија за образованието 2018 – 2025, да биде усвоена од страна на Владата на Република Македонија.

На крајот на средбата, беа истакнати и охрабрувачки пораки за реформските процеси кои претстојат во образованието, а министерката Дескоска ги посочи напорите на Владата да го унапреди квалитетот на образованието.