18/04/2024
Струга

Министерот Бектеши ја претстави енергетската политика на РМ на Македонскиот енергетски форум 2018 во Струга

Министерот за економија Крешник Бектеши учествуваше на Панел дискусијата на тема: Енергетска политика во Република Македонија – патот напред, во рамки на завршницата на Македонскиот енергетски форум 2018, кој се одржува во Струга, со поддршка на АД Електрани на Македонија, Владата на Република Македонија, Амбасадата на САД во РМ и ЗИП Институтот.

„Според реализираното во последниве неколку месеци, можам да кажам дека сериозно работиме на создавање на солидна алтерантива за иднината. Направивме неколку крупни чекор напред, во насока на создавање на законска рамка која ќе обезбеди основа за сигурна енергетска иднина, како национална, така и регионална, со бројни заеднички проекти со поддршка на меѓународниот фактор. Првиот чекор во утврдување на енергетската политика на РМ веќе го остваривме, односно Собранието го донесе новиот Закон за енергетика! Со него се утврдени главните цели на енергетската политика кои – покрај сигурноста во снабдувањето со енергија, промоција на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и одржливиот развој – вклучуваат интегрирање на пазарот на енергија на Република Македонија во регионалните и меѓународните енергетски пазари“, истакна пред присутните министерот Бектеши кој и ја отвори 5.Панел дискусија.

На прашањето до каде е Македонија со новата стратегија за енергетика, министерот Бектеши рече: „За реализација на споменатите цели на енергетската политика, отпочнавме активности за подготовка на нова Стратегија за развој на енергетиката која треба да се донесе за наредниот период од 5 години и да се однесува на период од 20 години. Во овој документ ќе ги утврдиме приоритетите за долгорочен развој на енергетскиот сектор, споредено со вкупниот економски развој, кој ќе се темели на обезбедување на сигурно, безбедно и квалитетно снабдување со сите видови на енергија и постигнување на одржлив енергетски развој преку исполнување на целите за зголемување на инвестициите во производни енергетски објекти кои користат обновливи извори на енергија и зголемување на заштеди остварени со примена на мерки за енергетска ефикасност. Покрај ова, до крајот на годината ќе изготвиме и нов Закон за енергетска ефикасност“.

Тој појасни дека увозната зависност на Република Македонија од енергија и енергенси, ќе се намали само преку изградба на нови објекти за производство и пренос на енергија кои се економски и финансиски оправдани, а ги спомена и новините во однос на воведувањето на премиумите како нова мерка за поддршка, кои Министерството за економија ќе отпочне да ги реализира по донесувањето на потребната подзаконска регулатива.

„Создавањето на модерна инфраструктура е неопходниот постулат за обезбедување на сигурност во снабдувањето со енергија, и во оваа насока се преземаат интензивни активности за изградба на објекти за производство и пренос на електрична енергија, како и во делот на секторот за природен гас. Интересот за гасификација е огромен, па работиме на тоа да обезбедиме природен гас до секоја општина“, истакна тој.

На прашањето за имплементацијата на новиот закон за енергетика кој што претставува транспонирање на Третиот енергетски пакет од ЕУ, Бектеши објасни дека со новиот закон Република Македонија има обврска да транспонира повеќе директиви и регулативи во националното законодавство од областа на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија и природен гас, пристапот на мрежите за прекугранична размена на електрична енергија и природен гас, обновливите извори на енергија, а со самото тоа граѓаните ќе може да сметаат на почиста, сигурна и достапна енергија за сите.

Покрај Бектеши, панелисти на темата „Енергетска политика во Република Македонија – патот напред“ беа и генералниот директор на АД ЕЛЕМ Драган Миновски, сопственикот на „Мега солар“ Славе Ивановски и професорот на Машинскиот факултет Атанаско Тунески.

Клучното и водечко мото на годинешниот Македонскиот енергетски форум 2018 е „Решенија во енергетиката денес – алтернативи за иднината“, а на дводневниот собир свои видувања дадоа и вицепремиерот Анѓушев, американскиот амбасадор Бејли, претставници на МАНУ и гости од надлежните министерства за енергетика, како и од енергетските компании од земјава и регионот.