19/04/2024
Охрид

Министерот Бочварски во работна посета на Општина Охрид

Градоначалникот Константин Георгиески оствари работна средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска беше во прва работна посета на Општина Охрид.

На средбата беше разговарано за тековните инфраструктурни проекти кои општината ги реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски, како и за идните планови за заедничка соработка.

-Сакам да се заблагодарам на Министерството за транспорт и врски за поддршката која ја имам јас како градоначалник и општината. Во Охрид, во изминативе три години со поддршка на Министерството за транспорт и врски се реализираа неколку крупни инфраструктурни проекти. Како прво би ја споменал реконструкцијата на булеварот „Туристичка“, потоа реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ каде што министерството е задолжено за поставување на новата атмосферска и фекална канализација, како и поставување на нова водоводна линија, а општината е задолжена за инвестициите во делот на горниот строј на улицата. Заеднички го реализираме и проектот за влезот во Охрид, односно реконструкцијата на улицата „15-ти Корупус“. Разговаравме и за проектот за реконструкција на улицата „Македонски Просветители“ кој ќе биде финансиран од програмата на Светска Банка, како и за други проекти кои ги работиме и ќе ги работиме заедно во иднина, изјави градоначалникот Георгиески по работната средба.

Тој истакна дека со министерот Бочварски разговарале и за носењето на урбанистичките планови кои се во надлежност на министерството, како и за идните активности на локалната и централната власт во делот на уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, применувањето на законските прописи и исполнувањето на препораките од УНЕСКО.