18/04/2024
Македонија

Министерот Филипче оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Холндија

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Ваутер Пломп и со претставници од Проект ХОПЕ „Луѓе за Луѓе”-Здравствена Фондација.

На средбата стана збор за проектот ПериМак, кој Проект ХОПЕ го имплементира во Република Македонија од почетокот на 2016 година, како и за продолжување на соработката меѓу Министерството за здравство и Проект ХОПЕ, со цел подигнување на квалитетот на здравствените услуги со посебен акцент на здравјето на новороденчињата.

Основна цел на проектот е зголемување на стапката на преживување кај предвреме родените бебиња во Македонија, во одредени тежински групи и до 30 %. Досега, со проектот се почнати активности за подобрување на условите, капацитетите и експертизата во Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“- Чаир и Универзитетска клиника за детски болести- оддел за интензивна нега, со цел создавање “Perinatal Centres of Excellence“.

Една од целите на проектот е да се овозможи на медицинскиот кадар во болниците да третираат специфични патологии и состојби на високоризични бремености и новороденчиња што поефикасно. За оваа цел, најсовремена медицинска опрема во вредност од околу 1 милион евра веќе е донирана, од Проект ХОПЕ Германија до двете болници, како и мал дел во клиничка болница Тетово.

Исто така, во рамки на програмата во тек на минатата година беа организирани обуки за гинеколози, педијатри, неонатолози, медицински сестри, акушерки, на различни теми од овие области.

Во рамките на програмата, во првата половина од годинава се планира одржување – онлајн обука за 18 гинеколози за ЦТГ-скрининг на Кралскиот Колеџ за гинекологија и акушерство во Велика Британија, обука за тотална парентерална исхрана за предвремено родени во неонатолошкиот центар во Ротердам за доктори од интензивна нега, УК за Детски Болести Скопје, како и обука за скрининг на слух, намалување на интра хоспитални инфекции и размена на искуства во универзитетската Болница во Амстердам за доктори од интензивна нега, УК за Детски Болести Скопје и од Специјална болница за гинекологија и акушерство “Мајка Тереза“.