24/04/2024
Македонија

Министерот Манчевски на средби со Габриел и Поповиќ за регионалната соработка во ИКТ сферата

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во рамки на меѓународната конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – Иновации, Регулатива, Инвестиции“, што се одржува во Софија, оствари средби со еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел и министерот за иновации и технолошки развој на Р. Србија, Ненад Поповиќ.

На состанокот со еврокомесарката Габриел, министерот Манчевски разговараше за повеќе теми и прашања кои произлегуваат од дигиталната агенда. Тој ги претстави активностите кои ги превзема МИОА во делот на мапирање на територијата за широкопојасен интернет, подготовката на стратегија за сајбер безбедност, како и заложбите за вклучување на трет мобилен оператор во Македонија. Еврокомесарката Габриел, ги поздрави активностите и ја понуди целосната поддршка и експертиза на Европската Комисија за реализација на сите зацртани цели на МИОА. Што се однесува до поддршката во делот на драстично намалување на цените за роаминг, ова останува да биде високо на агендата на еврокомесакрата, и ќе биде една од главните теми за кои ќе се разговара на престојниот Дигитален самит, што ќе се одржи на 18ти и 19ти април во Скопје.

Состанокот со министерот Поповиќ беше посветен на соработката и размената на искуства помеѓу двете држави во делот на технолошкиот парк и иновациите. Двајцата министри се согласија дека Дигиталниот самит е одлична можност каде ќе можат да се разговара за поврзаност во иновациските системи, како и организирање на заедничка конференција во регионот, посветена на предизвиците во ИТ сферата.

Прифаќањето на дигиталните сертификати во регионот ќе биде во фокусот на Дигиталниот самит. На состанокот, министерот Манчевски и министерот Поповиќ се согласија дека Македонија и Србија можат да бидат државите каде ќе се развие пилот проект, што понатаму ќе биде превземен како успешна приказна и во другите земји во регионот.

Тоа што во скоро време може да се очекува како заедничка активност помеѓу овие две држави е организирање на Хакатон и фонд за поддршка на иновативни идеи, со цел вклучување на младите во ИТ бизниси.