25/04/2024
Македонија

Министерот Поповски: Владата е отворена за поддршка на медиумите

Владата е подготвена да разговара со претставници на медиумската заедница за предлози базирани на меѓународни искуства. Ова го истакна министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, во своето обраќање на јавната дискусија на тема „Фонд за развој на медиумите“, којашто се одржа во Струмица. Министерот Поповски ја поздрави иницијативата на Здружението на електронски медиуми „Медиум Објектив“ и изрази задоволство да разговара за сите предлози од претставниците на медиумските здруженија, новинарите и медиумите, како и за нивните потреби и очекувања од Владата.

„Целта на овие дискусии е како да се овозможи медиумскиот плурализам да опстане и новинарството да добие развојна компонента“, рече Поповски, објаснувајќи дека токму на тој начин била креирана и Програмата за поддршка на печатените медиуми, на иницијатива на ЗНМ и Здружението за заштита на националните печатени медиуми. Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност истакна дека јазот меѓу новинарите, новинарските здруженија и сопственичките структури мора да се надмине и дека преку вакви јавни дискусии треба да се најде формула како да им се помогне на сите, базирано на меѓународни практики.

„Оваа Влада нема намера да врши никакво влијание врз работата на медиумите, особено врз креирањето на содржини во информативните појаси. Намерата на Владата е да се поддржи вистинското и професионално новинарство”, истакна Поповски додавајќи дека сеуште нема одлука за тоа дали ќе има поддршка за националните, локалните и регионалните медиуми, туку дека преку дебата треба да се дојде до најдобрите решенија.

Свои обраќања имаа и организаторот на настанот Димитар Мицев, претседател на Здружението на електронски медиуми „Медиум Објектив“ којшто презентираше анализа на состојбата во сферата на локалните медиуми и покрена иницијатива за формирање на фонд за развој на медиуми.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ја изрази поддршката за изнаоѓање модели за опстанок на локалните и регионалните медиуми во насока на професионалното новинарство, но и како опсервација на локалните власти.

Свои обраќања имаа и Васко Чукаров од „Здружението на приватни локални радио станици“ и Катерина Синадиновска од „Советот за етика во медиумите“, а на настанот беа присутни и претставници на речиси сите локални и регионални медиуми.