20/04/2024
Македонија

Министерот Спасовски ги посети кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука во Идризово

„Со големо задоволство ја прифатив поканата на Центарот за обука во Идризово за да видам како изгледа еден работен ден на кандидатите за полициски службеници од генерацијата 2019/2020. Посебно што, овие наши идни колеги, веќе го следат последниот од трите образовни модула – секој во траење од по четири месеци, исполнети со  стручно и темелно подготвена наставна програма и практична работа, и за некој месец ќе започнат ново поглавје во нивниот професионален живот, со нивното официјално промовирање во припадници на полицијата на Република Северна Македонија“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при посетата на кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука.

Министерот Спасовски ја искористи можноста да ги поздрави идните полициски службеници, кои пред започнувањето на професионалната обука поминаа низ интензивни и сложени циклуси на селекција базирана на сеопфатен систем на оценување и проценка на физичките, но и општообразовните, психолошките и здравствените критериуми, но и да види како изгледа сегмент од нивната теоретска обука, каде учат и ги совладуваат сите фундаментални знаења и практики од полициското работење, како и работа на подобрување на практичните вештини во спортската сала на Центарот, што секако ќе биде важен сегмент во понатамошниот работен ангажман на кандидатите.

„Иако професионалната обука за полициски службеници трае 12 месеци, оваа генерација беше принудена да се прилагоди на условите предизвикани од пандемијата со коронавирусот, што претпоставуваше професионалната обука да ја следат во период од година и два месеца, и тоа поделени во четири групи. А посебно задоволство причинува фактот што и оваа генерација може да се пофали со зајакнување на родовата рамноправност, односно 100-тина од вкупниот број на кандидати за полициски службеници се жени, што секако ќе придонесе за поуспешно интегрирање на жените во составот на полицијата, чија улога е извонредно важна во полициското работење“, посочи министерот Спасовски, порачувајќи им на кандидатите за полициски службеници да го вложат својот максимум до крајот на овој последен модул, со цел што подобри резултати во името на професионалните стремежи.

Во текот на посетата министерот Спасовски реализираше средба и со помошник министерот на Центарот за обука, Гоце Бачанов, кој информираше за актуелните состојби  во Центарот за обука, текот на полициската едукација и предизвиците со кои се соочи генерацијата 2019/2020, како и предвидените активности на Центарот во тукушто отпочнатата година, во насока на континуирана полициска едукација согласно  критериумите за квалитет на национално и на меѓународно ниво.