28/03/2024
Охрид

Министерот Спасовски на Џорџ Маршал безбедносниот форум во Охрид

“Иако, миграцијата пред се од социјално-економски аспект не е непознат феномен, сепак, она што го минавме во текот на 2015-тата и 2016 година, не само ние овде во Република Македонија, на Балканот, но и пошироко на европскиот континент, според своите димензии и динамика, бездруго ги надминува сите досегашни стереотипи околу миграцијата и сите нејзини реперкусии“, рече, меѓу другото, министерот Оливер Спасовски во своето денешно обраќање во рамки на меѓународната конференција што во организација на “Маршаловиот центар“ – Македонија, а во соработка со Европскиот центар за безбедносни студии од СР Германија и Секторот за јавна дипломатија при НАТО, се одржува денес во Охрид, а посветена на неколку исклучително важни регионални и глобални безбедносни теми меѓу кои и миграцијата.

“Преку нашата земја за период од 14 месеци беа регистрирани близу 800.000 мигранти кои транзитираа низ територијата на Република Македонија, држава со нешто преку два милиона жители, рече Спасовски, Притоа тој потенцираше дека и во минатото се случувале ненадејни, а масовни движења на лица предизвикани од вооружени конфликти, или други причини, но по правило во вакви случаи после привременото раселување во најблиските безбедни места, загрозените лица во најголем број се враќале во своите домови, понекогаш дури и пред да се создадат неопходните услови за тоа.

Kризата со мигрантите со која се соочивме пред три години покажа дека од суштинско значење е кооперативноста, партнерството и меѓусебната комуникација и помош, затоа што секој сам не може да се справи со таквиот бран што го видовме и пребродивме, рече министерот Спасовски.

-Актуелните тенденции околу миграциската политика покажуваат дека сите ние во регионот и во Европа сме свесни дека заедништвото и соработката ни се неопходни. Сите ние мораме да тежнееме кон заедничко правилно планирање и добра соработка и координација на национално и меѓународно ниво, во насока на воспоставување на ефикасен систем на гранична безбедност, притоа императивно ставајќи го во прв план одржувањето на потребното ниво на јавната и националната безбедност. Се разбира, ние сме должни и да најдеме соодветни начини како да им се овозможи неопходната помош на сите лица кои имаат потреба од помош- рече Спасовски.

Во текот на 2015 и 2016 година како држава моравме да изнајдеме начин од една страна да обезбедиме заштита на јавната и национална безбедност и јавното здравје, со истовремено целосно почитување на човековите права на мигрантите и на условите за овозможување на хуманитарна и медицинска помош која секако им беше потребна, рече Спасовски.

-Успехот во управувањето со миграциите во голема мера зависи токму од успешноста на истовременото справување со овие предизвици. Од оваа дистанца, сметам дека во голема мера успеавме во нашата намера- рече Спасовски.