29/03/2024
Македонија

Министерот Спасовски на финалниот настан на проектот „Јакнење на националните капацитети за борба против организираниот криминал и корупција“

„Организираниот криминал и корупцијата се две клучни области кадешто Европската Унија со години ни дава забелешки. Потребни се понатамошни реформи во справувањето со определени видови на организиран криминал како што се перењето пари и финансискиот криминал, како и подобрување на евиденцијата за истраги, обвиненија и пресуди во борбата против организираниот криминал“, истакна, меѓу другото, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање по повод завршувањето на проектот – „Јакнење на националните капацитети за борба против организираниот криминал и корупција“, што во рамки на ИПА програмата на ЕУ се реализираше во изминатриот период.

„Сметам дека спроведувањето на овој проект дојде во вистинско време. Истиот имаше за цел да ја зголеми оперативната ефикасност на институциите за спроведување на законот за спречување на сериозен и организиран криминал и подобрување на механизмите и меѓуинституционалната соработка во превенција и сузбивање на корупцијата“, потенцираше министерот Спасовски кој наедно се осврна и на сработеното во делот од проектот насочен кон ресорот – внатрешните работи.

Според министерот Спасовски беа подготвени повеќе документи и спроведени голем број на обуки во делот на организираниот криминал, финансиските истраги и компјутерскиот криминал. „Би сакал да споменам само неколку од документите кои беа подготвени во рамките на компоментата 2: Развој на нови и ажурирање на постојните стандардни оперативни процедури (СОПи) за истраги на финансиски и компјутерски криминал и други приоритетни форми на организиран и сериозен криминал; Препораки за понатамошен развој на меѓуинституционалната соработка во областа на организираниот криминал; Поддршка во подготовка на акциски план за сајбер безбедност и поддршка при работа и обука за имплементација на активностите поврзани со борба против сајбер криминал; како и Стратегија за сајбер криминал за министерството за внатрешни работи и акциски план за нејзина имплементација“, нагласи Спасовски.

На крајот од своето обраќање министерот Спасовски истакна дека искрено се надева дека институциите ќе ја сфатат својата сериозност и одговорност и ќе бидат ефикасни спроведувачи на овие проекти. „Најважно е да покажеме одлучна борба – а јас во тоа сум решен – против организираниот криминал и корупција, заради тоа што тоа ја јаде Република Македонија и иднината на нашите генерации“, нагласи Спасовски.

Инаку, носители на овој проект беа Министерството за правда, координатор во имплементација на компонента 1 (Превенција и спречување на корупцијата вклучително и подобрување на меѓуинституционалната соработка) и Министерството за внатрешни работи како координатор во имплементација на компонента 2 (Понатамошно зајакнување на капацитетите за борба против сериозен и организиран криминал). Покрај нив во имплементацијата на активностите предвидени со овој проект беа вклучени и Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција, Царинската Управа и Агенцијата за управување со одземен имот.

https://youtu.be/PqpMo1hwZdg