28/03/2024
Македонија

Министерот Спасовски на отварањето на Фис ролер ски купот „Тоше Проески“ во Крушево

 Дозволете ми на почетокот да го изразам своето лично задоволство што еве, и годинава, ја имам можноста да присуствувам овде во прекрасното Крушево, и да бидам дел од една манифестација која што со право претендира да прерасне во традиционален спортски настан, рече министерот Оливер Спасовски на отварањето на Фис ролер ски купот „Тоше Проески“ во Крушево , на кое присуствуваа и градоначалникот на Крушево Томе Христоски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.

„Честа што ми е укажана дополнително ја зголемува фактот што овој ФИС ролер ски куп го носи името на нашата најсјајна музичка ѕвезда, нашиот Тоше Проески.  Неговата оставштина е огромна, вгнездена длабоко во срцата на сите луѓе од Балканот, неизбришлива и непроценлива. Верувам дека овој спортски настан ќе расте од година во година, етаблирајќи се како манифестација од големо спортско значење, не само од аспект на спортските дисциплини кои како релативно нови, веќе го зацврстуваат своето место во меѓународните спортски манифестации и календари, туку и како манифестација што ќе не собира постојано овде во домот на нашиот Тоше“, рече Спасовски. 

Министерот Спасовски им посака на натпреварувачите успех  и добри резултати, а на организаторите – беспрекорно одвивање на манифестацијата.