19/04/2024
Македонија

Министерот Спасовски на работилниц „Јакнење на интегритетот на полициските службеници“

Ниту еден систем, институција, или пак поединечно функционирање не ќе може да претендираат на успешност и особено – кредибилност во своето секојдневно работење и егзистирање, доколку не почиваат на начелото на целовитост на највисоките етички и професионални вредности и стандарди. Воспоставувањето и градењето на таквата целовитост, односно интегритет, е примарна задача, дури и обврска за секое општество, за секој негов сегмент, за секој негов поединец, рече министерот Спасовски на отварањето на денешната работилница на тема ,,Јакнење на интегритетот на полициските службеници“ на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права и Здружението на новинари на Република Македонија.

„Всушност, интегритетот ги обединува сите оние позитивни, а неопходни етички вредносни атрибути кои што, пак, меѓу другото, го градат совесното, одговорно и чесно работење. Според тоа, кога говориме на тема – интегритет на полициските службеници – првенствено треба да го имаме на ум концептирањето на стандарди, практики  и норми, што ќе ни овозможуваат реално суштествување на овие начела во секојдневното полициско работење. Општо познат е фактот дека секаде онаму каде што професионалниот дигнитет и интегритет не постојат или немаат никаква општествена вредност и сатисфакција, вирее корупцијата, односно незаконитоста. За жал, сите ние  бевме сведоци на она што се случуваше во блиското минато. Токму поради тоа уверен сум дека денешнава тема е од огромно значење како од аспект на полициското функционирање, така и генерално во името на етаблирањето на сите нормални, општествени критериуми на егзистирање без коишто нема просперитет. Затоа, МВР, преку Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионали стандарди, императивно се посвети и на градењето и негувањето на професионалниот интегритет на полициските службеници како начело и вредност што треба да биде втемелена во нивното секојдневно работење“, рече министерот Спасовски.

Елиминирањето на корупцијата и сите нејзини облици на појавност во полициското функционирање е задача којашто бара сеопфатен, системски пристап, а суштествено за таа цел е издигнување на професионалното достоинство и интегритет на полициските службеници како базични принципи на поведение и работење, рече министерот Спасовски..

„Наша примарна должност е да ги овозможиме сите елементарни услови за работа, да изградиме норми и стандарди за неспорно легалистичко постапување. Во таа насока нашите заложби се во позитивен смисол да ја реафирмираме улогата и позицијата на полицискиот службеник како во системот на МВР така и во очите на граѓаните чии што сервис е нашата институција. Тоа, без силен ангажман во сферата на градење и унапредување на професионалниот интегритет просто не е можно. На крајот дозволете ми уште да го искажам своето лично уверување дека секоја реформа, односно нејзиниот успех и ефекти – зависат најмногу од луѓето, особено од оние што треба практично да ги имплементираат. Без совесност, без одговорност, без чувство за лојалност и чесност, без посветеност и мотивираност, реформи – не се можни. Тоа е клучниот аргумент зошто МВР мора да инвестира во воспоставувањето на професионалниот интегритет на полициските службеници“, рече министерот Спасовски.