Министерот Спасовски на работни средби во Охрид и Вевчани

„При денешната работна посета на Полициските станици – за граничен надзор Охридско езеро и за гранични работи Свети Наум, со колегите од охридската сообраќајна полиција, како и средбата со градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, разговаравме за состојбите и активностите во тие организациони единици при МВР, како и за степенот и квалитетот на соработката и комуникацијата меѓу полицијата и граѓаните во оваа локална средина“, рече министерот Оливер Спасовски по завршувањето на работната посета на Охрид и Вевчани.

„Свесни за важноста и улогата на припадниците на полицијата, ние како раководство правиме се во рамки на законските и финансиски можности да овозможиме што е можно поквалитетни услови за работа. Со задоволство можам да ве известам дека, со цел подобрување и модернизирање на пловниот парк на езерската полиција, во тек е оглас за набавка на пет пловни објекти, набавка во вредност од над десет милиони денари, во која три од пловните објекти ќе бидат набавени со средства од договор за донација, додека два пловни објекти ќе бидат набавени од средства обезбедени од МВР“, рече министерот Спасовски.

Конечно, рече Спасовски, ова е една од најубавите и најрепрезентативни туристички дестинации, а полициските служби обезбедуваат мирна и спокојна сигурносна состојба за сите луѓе – наши или странски државјани, сеедно.

„Со градоначалникот на Вевчани зборувавме за соработката на полицијата со локалните власти, за можностите за нејзино унапредување, особено низ многу превентивни форми на активности што ни стојат на располагање“, рече Спасовски.