06/12/2024
Македонија

Министерот Спасовски на состанок на локалните групи за координација за недозволена трговија со оружје на земјите од Западен Балкан

Свесни за фактот дека употребата и достапноста на нелегалното оружје директно негативно влијае не само врз сеопштите трендови во разните области од криминалот, туку и може директно да влијае врз дестабилизација на самите општества, во изминативе години Република Македонија се фокусираше на градење на еден интегриран, системски пристап кон борбата против нелегалната трговија со оружје и експлозивни материјали во сите негови аспекти – едукативен, организационен, легислативен, и слично. Притоа, посветено ангажирајќи се и во многуте меѓународни проекти, програми, иницијативи и  активности во сузбивањето на нелегалната трговија со оружје и експлозивни материјали, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето обраќање на состанокот на локалните групи за координација за недозволена трговија со оружје на земјите од Западен Балкан што се одржа во Скопје.

– Во изминатиот период Министерството за внатрешни работи како институција во чија што законска надлежност е справувањето со оваа проблематика, направи многу во стандардизацијата и имплементацијата на нормите, иницијативите, препораките по однос на воспоставувањето на квалитетни и ефикасни рамки за превенција, контрола, но и откривање на нелегалната трговија со мало и лесно оружје, муниција, експлозивни материи, градејќи кредибилен, одржлив и интегриран национален концепт на делување. Со цел унапредување на политиките и стандардите во оваа област, ние подготвивме и нова Национална стратегија за контрола на мало и лесно оружје која соодветно ги детерминира и дефинира новите трендови и предизвици, но и правците, односно приоритетите за дејствување притоа креирајќи еден координиран систем на меѓуинституционално делување на сите релевантни чинители, вклучително и граѓанскиот сектор, што ќе треба квалитетно, функционално и ефикасно да одговорат на сите зацртани задачи – рече Спасовски.

Спасовски ја потенцира нужната заедничка соработка која што треба да ја даде суштинската логистика во успешната контрола на малото и лесно оружје и спречување на нелегалната трговија со истото. 

– Тоа партнерство треба да биде клучната алка во синџирот, не само од аспект на размена на искуства и знаења, туку и од аспект на конкретна оперативна размена на податоци и спроведување заеднички операции. Верувам дека денешниот состанок, односно идеите, иницијативите што ќе бидат изнесени или разгледувани   ќе дадат нов квалитет во насока на потесно и поефикасно заедничко делување – рече Спасовски.