19/04/2024
Македонија

Министерството за одбрана и Владата ги интензивираат контактите и грижата за борците од НОБ

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и претседателот на Сојузот на борци од народно-ослободителната борба, д-р Никола Стојановски денеска го потпишаа договорот со кој на Сојузот му се отстапуваат простории во Домот на АРМ, на десет години, без надомест.

„Со овој чин се обидуваме да исправиме една долга неправда во нашата држава во која оние кои ја изборија и ја издејствуваа со крв, пот и многу мака слободата на нашата држава беа оставени на улица. Затоа Владата ја донесе одлуката за обезбедување на простории и убедени сме дека и во иднина оваа врска помеѓу државните институции, државните органи и Сојузот на борци уште повеќе ќе зајакнува“, изјави министерката.

Шекеринска додаде дека токму во овој момент на граѓаните на Македонија им е потребно херојството на борците, потребно е нивните идеали да влијаат на носењето на нашите одлуки.

„Денеска борбата не е за слобода и независност, денеска борбата на оваа генерација е слободна, просперитетна и стабилна Република Македонија. Ако тогаш сме биле дел антифашистичкиот свет, денеска да бидеме дел од ЕУ и НАТО алијансата“, рече министерката за одбрана.

Претседателот на Сојузот, Стојановски, се заблагодари за обезбедените простории, во кои, рече, ќе можат да ја развиваат нивната работа и да го продолжат нивното дејствување во изградба на државата, особено во овие најважни моменти.

„Соработката со Армијата и досега беше добра, ќе продолжиме и натаму, а посебно благодариме што Министерството ни овозможи да добиеме простории во Домот на АРМ каде ќе можеме да продолжиме со работењето, со сите државни организации и посебно со сите општински одбори и со соседите, со кои соработката по оваа наша, боречка линија е многу важна“, рече Стојановски.