03/12/2024
Македонија

Министерството за одбрана за првпат преку јавен повик доделува грантови за здруженија на граѓани и фондации

Министерството за одбрана за првпат објавува јавен повик за распределба на средства за финансиска поддршка на проекти на здруженија на граѓани и фондации. Средствата се одобрени во буџетот на Министерството за одбрана на Република Македонија за 2018 година, и ќе се користат за финансиска поддршка на проекти што имаат за цел афирмација на процеси и вредности од важност за државата и за Министерството. Тоа се евроатланските интеграции на Република Македонија, популаризација на службата во АРМ, зголемување на транспарентноста во одбраната, како и придонеси во креирањето на одбранбената политика и реформите во одбраната, и значењето и улогата на родовите перспективи во оваа сфера.

Право на учество на јавниот повик имаат здруженија на граѓани и фондации во Република Македонија кои ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик. Вкупниот износ на средства кои се одобрени во буџетот на Министерството за одбрана за 2018 година изнесува 3.000.000 денари.

Распределбата на средства ќе се спроведува согласно добрата практика за обезбедување финансиски средства утврдена во Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации.

Изборот на корисници ќе се изврши врз основа на критериуми од Кодексот за добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации, како и врз база на посебни критериуми за бодирање на предложени проекти.

Доделувањето на такви средства во изминатите години се вршеше преку директни средби и договори, и сегашниот јавен повик е прв од таков вид кој овозможува транспаретност во распределбата на средствата, како и еднакви шанси за сите заинтересирани корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови.

Овој јавен повик е уште една потврда за транспарентното работење на Министерството за одбрана во областите каде треба да биде вклучена јавноста и каде треба да се води сметка за јавниот интерес, како што е користење на буџетски средства за афирмација на проекти и вредности од важност за државата и за Министерството.

Ги повикуваме сите здруженија на граѓани и фондации кои ги исполнуваат условите од јавниот повик, најдоцна до 30 април да пријават свои проекти и идеи, со што ќе се вклучат во процесите за подигнување на стандардите во нашето општество.

Барањето и Образецот за пријавување се објавени на веб страницата на Министерството за одбрана www.morm.gov.mk.