23/04/2024
Охрид

Младата пијанистка Чочиева ја збогати културната понуда на „Охридско лето“

Националната установа „Охридско лето“ приреди ново уметничко доживување за љубителите на класичната музика преку концертот на руската пијанистка Злата Чочиева што се одржа синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Младата московска пијанистка имаше впечатлив настап, покажувајќи извонредна техника во музицирањето, притоа, пренесувајќи и’ на публиката позитивни емоции.

„Преку своето совршено музицирање и техника, талентираната пијанистка Злата Чочиева донесе виртуозен перформанс со што се вброи меѓу најдобрите пијанисти кои настапиле досега на „Охридско лето“. Како организатори на овој концерт, особено не’радува што публиката го награди нејзиниот совршен настап со бурни овации и што меѓу присутните беа аташето за култура во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, дел од нашите лојални спонзори меѓу кои главниот извршен директор на ОКТА господинот Иоанис Героуланос, публика од соседна Република Албанија, како и музичари од Скопје и Охрид. Сите присутни беа воодушевени од целиот перформанс,“ – изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

За пијанистката, исклучително важно е да се воспостави непосреден контакт со публиката и да се размени позитивната енергија.

„Се чувствувам топло во душата поради повратните реакции на публиката. Многу уживав бидејќи почувствував голема енергија од присутните и бев пријатно изненадена колку беа внесени во програмата. Знаете, многу е важно за уметникот да го почувствува тој флуид, размената на енергијата со луѓето и љубовта кон музиката,“ – вели Чочиева.

Извонредно талентираната уметница Злата Чочиева која на Меѓународниот натпревар по пијано „Санта Катарина“ во Бразил беше прогласена за најдобра изведувачка на Фредерик Шопен, со посебен шарм и стил ги отсвири мазурките на овој композитор, а долови и дела од Александер Скриабин, Франц Лист и Сергеј Рахманинов.

„Не знам дали сум најдобар изведувач на делата на Шопен, но чувствувам како оваа музика ми е при срце, а тој секогаш ќе биде еден од моите најомилени композитори. Шопен е некој со којшто навистина можам „да разговарам“. Што се однесува до програмата со која се претставив на „Охридско лето“ , сметам дека беше мошне интересна бидејќи содржеше и композиции кои се помалку познати. Некои дела се во сенка зашто луѓето им обрнуваат повеќе внимание на познатите композиции,“ – додаде младата пијанистка чиј компакт-диск со Шопеновите етиди, германското списание „Грамофон“ го вброи во 50-те најдобри изведби на Шопеновата музика некогаш.

Чочиева која за нејзиното музицирање на пијано е наградувана шурум светот, првпат настапува на „Охридско лето“, но како што вели, за репутацијата на фестивалот слушала од нејзините колеги уметници кои веќе одржале концерти.

„Имав можност да уживам и во убавините на Охрид, шетајќи низ стариот дел на градот, но посебно бев воодушевена од езерото. Посебно ме инспирираа залезот на сонцето и невообичаените бои над езерото,“ – истакна таа.

Со програмата што ја отсвири на „Охридско лето“, Злата Чочиева ќе го одржи и својот деби-концерт во Лондон, а потоа следуваат и нејзините настапи во Русија, Шведска и Германија.