28/03/2024
Македонија

МЛС: До крајот на годината ќе се реализираат 43 проекти за развој во осумте плански региони

Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за финансирање на 43 проекти кои што до крајот на годината ќе се реализираат во осумте плански региони. За реализација на проектите, средствата во износ од 290 милиони денари, или 4,7 милиони евра се обезбедени од буџетската програма за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа. Процедурата за аплицирање на проекти од страна на осумте плански региони, согласно Законот за рамномерен регионален развој е започната од декември минатата година, соопшти на денешната прес конференција, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Министерот Фазлиу ја информираше јавноста дека согласно Одлуката за степенот на развиеност на планските региони, најмногу средства се насочуваат во најмалку развиениот плански регион, Североисточниот, а најмалку во најразвиениот, Скопскиот, со што во вкупниот износ Скопскиот плански регион, како најразвиен, учествува со 7,2 насто, Југоисточниот со 11,1 насто, Источниот плански регион со 11,3 насто, Пелагонискиот со 11,9 насто, Полошкиот со 13,2 насто, Југозападниот со 13,3 насто, Вардарскиот со 14,7 насто и Североисточниот плански регион со 17,3 насто.

– Оваа година во најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, ќе се финансиираат 4 проекти со 50 милиони денари, во Вардарскиот плански регион 8 проекти со 42,5 милиони денари, во Југозападниот плански регион 3 проекти со 38,4 милиони денари, во Полошкиот плански регион 6 проекти со 38,1 милион денари, во Пелагонискиот плански регион 8 проекти со 34,3 милиони денари, во Источниот плански регион 4 проекти со 32,6 милиони денари, во Југоисточниот плански регион 4 проекти со 32 милиони денари и во Скопскиот плански регион ќе се финансиираат 6 проекти со 20,8 милиони денари, рече министерот Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа истакна дека проектите се утврдени како приоритетни во секој од планските региони, во широк консултативен процес со граѓаните и со бизнис заедницата.

– Определба на оваа Влада е да се поттикне развојот во сите плански региони преку порамномерна и транспарентна распределба на средствата, врз основа на приоритети кои што ги утврдиле граѓаните заедно со локалните власти. Рамномерноста на развојот е столб на владиниот принцип за градење на едно општество за сите. На нашата држава и треба развој, но уште повеќе и треба рамномерен развој. Се обезбедија 50 милиони евра за враќање на долговите на општините. Средствата за рамномерен регионален развој за 2 години се зголемија за 100 насто. Тенденцијата на поттикнување на рамномерниот развој ќе продолжи. Се подготвува нова Стратегија за регионален развој за наредниот 10 годишен период, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Средствата од Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година, со кои што се финансираат ови 43 проекти, се 70 насто од вкупните средства кои што се реализираат преку Буџетот на Министерството за локална самоуправа. Согласно законот, со уште 30 насто од вкупните 420 милиони денари предвидени во Програмата ќе бидат финансирани проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Овие проекти ги предлагаат општините, врз основа на приоритетите што ќе ги утврди секоја општина, самостојно, во консултација со граѓаните.