18/04/2024
Македонија

МОН со честитка по повод Денот на наставата на турски јазик

Можноста за образование на мајчиниот јазик е суштинска општествена вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам во една земја, каква што е Република Македонија, во која со векови наназад заедно живеат припадници на повеќе различни етнички заедници. Правото да говорат и творат на сопствениот, мајчин јазик е еден од механизмите за јакнење на националниот и културен идентитет, што пак овозможува негување на културните и верски традиции.

За припадниците на турската заедница денешниот ден е особено важен, бидејќи на 21 декември во далечната 1944 година, за прв пат, во Република Македонија започнала наставата на турски јазик. Традицијата продолжила да се негува низ годините, а по осамостојувањето на нашата земја станува и уставна одредба, чија имплементација е гарантирана од институциите на системот.

По тој повод, Министерството за образование и наука упатува искрена честитка до сите наши сограѓани од турска националност, кои даваат подеднаков придонес кон севкупниот општествено-економски и социјален напредок на Република Македонија.

Нека е честит 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик!