20/04/2024
Македонија

МОН и Сојузот на дефектолози потпишаа меморандум за подобрување на квалитетот на инклузивното образование

Министерството за образование и наука на Република Македонија и Сојузот на дефектолози на Република Македонија денеска потпишаа меморандум за соработка за подобрување на квалитетот на инклузивното образование.

Целта на овој меморандум и соработка е креирање на ефикасен и ефективен систем на поддршка за учениците со попреченост вклучени во редовното основно и средно образование.

Согласно Меморандумот, предвидено е формирање на работна експертска група која ќе биде задолжена за давање на стручна и експертска помош при ревизија на постоечките законски прописи за образование на учениците со попреченост.

Соработката се однесува на преземање конкретни мерки и активности кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на инклузивното образование на учениците со попреченост, организирање обуки на специјалните едукатори и рехабилитатори кои работат во редовните основни и средни училишта.

Со меморандумот се предвидува и остварување на соодветна обука за наставниците за карактеристиките на ученици со одреден вид на попреченост, како и изработка на Прирaчник за инклузивно образование на учениците со оштетен вид.