28/03/2024
Македонија

МТСП и ФИТР презентираа можности за развој на бизнис за млади

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски се обратија на настанот „Можности за развој на брзорастечки бизнис за млади“, на кој фирмите, отворени во текот на 2017 година преку грантови за самовработување од МТСП, можеа да се информираат за дополнителните можности за развој, достапни преку инструментите на ФИТР.

Според министерката Царовска, само ваква меѓуинституционална соработка може да даде ефекти и во вработувањето на младите лица во нашата заедница, но и во градење на претприемачки дух којшто навистина е важен.

,,Целта е не само да ги стартуваме бизнисите, туку да ги поддржиме во нивното растење, затоа што само на тој начин сме сигурни дека сме креирале одржливи работни места и сме подржале бизниси на млади луѓе кои понатаму ќе придонесат за развој на нашето општество“, изјави Царовска.

Деспотовски посочи дека треба да се утврди кои од 165-те стартапи креирани минатата година имаат реален потенцијал да станат брзорастечки бизнис и упати апел до младите луѓе да ја препознаат можноста која ја нуди Владата на РМ за вработување, и тоа не само за плата туку и за добра заработувачка.

„Целта е со подобра координација меѓу Фондот и МТСП да понудиме заокружен пакет на финансиска помош. Во наредниот период сите овие мерки за младите кои ги презентираме и координираме, ќе ги ставиме во еден пакет и ќе понудиме едношалтерски систем“ изјави директорот на ФИТР.

На настанот беа презентирани можностите за финансирање и развој на брзорастечки компании за млади преку инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој:

-Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“- инструментот кој има за цел да го поттикне нивото на иновативност преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности на истражување и развој на старт-ап и спин-оф претпријатија. Максималниот износ на поддршка е 30 000 евра односно 85% од вкупниот буџет на проектот, преостанатиот износ од вкупниот буџет за проектот, треба да биде обезбеден од апликантот (да не е државна помош).

-Кофинансирани грантови и условени заеми за комерицијализација на иновации – инструмент има за цел да поттикне зголемување на истражувањето и развојот во приватниот сектор и да охрабри соработка помеѓу приватниот сектор и високообразовните научни установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации. Максимален износ за поддршка е 100.000 евра, односно максимум 70%од вкупниот буџет за проектот.

И мерките од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија нудат можности за поддршка на компаниите кои досега ја користеле програмата за самовработување и тоа како:

– Кофинансирани грантови за микро претпријатија и тоа со поддршка од 30 % од инвестицискиот проект.

-Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста со подршка до 70 % од инвестицискиот проект.