28/03/2024
Македонија

МТСП: Во првите три месеци од пилот програмата „Младинска гаранција“ врабoтени 419 лица

Пилот програмата „Младинска гаранција“ дава одлични резултати во првите три месеци од нејзината реализација. Податоците покажуваат дека за овој период во Скопје, Струмица и Гостивар се вработиле 419 лица, 196 почнале да посетуваат обука, а 160 почнале пракса во некоја компанија.

Интересот за младинската гаранција е голем, досега вкупно 1532 лица се вклучиле во програмите. Овие резултатие ги надминуваат очекувањата и повеќе од сигурно е дека по завршување на пилот фазата програмата ќе влезе во целосна имплементација.

Младинска гаранција е програма на Владата на Република Македонија со кој се зголемува опфатот и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот. Целта на оваа мерка, за која до крајот на годината се предвидени 8,8 милиони евра, е младите да останат во државата и да работат тука.

Гаранцијата за млади е отворена за сите млади лица на возраст до 29 години кои се невработени, веќе го завршиле своето образование и не се пријавени во АВРМ. Пријавените добиваат квалитетната понуда за вработување, натамошно образование, стажирање или практикантство. Сите овие се клучни за успешното интегрирање на младите во пазарот на трудот и намалување на одливот на образован кадар од земјата.

Гаранција за млади е активна мерка за вработување на млади лица која  се спроведува во државите од Европската Унија од 2012 година. Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а започнува со воведување на „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе.

Со оваа програма Владата ги следи европските младински политики и ги отвора можностите за младите во Македонија.