19/04/2024
Македонија

МТСП: Започнаа обуките за интегрирано управување со случаеви во системот на социјалната заштита

Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, во партнерство со УНИЦЕФ и УНДП, денес започнаа со интензивни обуки за интегрирано управување со случаеви. Ова е една од клучните алки во реформата на социјалната заштита, со што се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот. Ова значи дека едно стручно лице ќе управува со случајот и ќе има обврска да го следи семејството. На овој начин, социјалниот работник многу подобро ќе ги знае состојбите во семејството, ќе го следи нивниот напредок но и проблемите во секојдневнието. Ова дирекно ќе влијае на превенција од многу потенцијални ризици, но и ќе придонесе кон побрзо извлекување на семејствата од ризик со нивна активација на пазарот на труд.

„Системот за социјална заштита и социјалните услуги постојат за граѓаните и треба да се дизајнирани согласно нивните потреби. Токму затоа работиме на јакнење на капацитетите на стручните работници во системот, но и нови вработувања. Во тек се огласи за вработување на нови 138 лица“, – изјавија од Министерството.

„Интегрираното водење на случаеви отвара можност за поголема поддршка на корисниците, а со тоа и подобри резултати во работењето”, изјави Арбен Зибери, заменик директор на агенцијата за вработување.

„Водењето предмети може да има огромен позитивен потенцијал во сите аспекти на социјалната работа и во посредувањето при вработување. Ја подржуваме оваа клучна промена во начинот на кој корисниците се поврзуваат со најсоодветната услуга, со цел семејствата и децата да имаат квалитетен и исполнет живот”, потенцираше Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

„За Програмата за развој на Обединетите нации хоризонталната координација помеѓу Центрите за социјална работа и Центрите за вработување е круцијален фактор за успешноста на проектот. Од огромно значење е јасното дефинирање на улогите на институциите во секој чекор на новиот пристап на интегрирано менаџирање на случаевите, и тоа почнувајќи од самиот старт на советување и проценка, па се до успешно вклучување на пазарот на трудот”, рече Нарин Сахакиан, заменик претставничка на УНДП.

Во наредните месеци сите стручни работници од центрите за социјална работа и 30 отсто од вработените во агенцијата за вработување ќе поминат обуки за интегрирано управување со случаеви, како дел од подготовките за имплементација на новиот закон за социјална заштита.