24/04/2024
Македонија

Мултимедијален концерт на Дарија Андовска и Ана Пандевска во Македонската филхармонија

Вечерва во камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот, ќе се одржи мултимедијален концерт со дела од две истакнати македонски композиторки, Дарија Андовска и Ана Пандевска. Концертот ќе биде збогатен и со видеопроекција и танцов перформанс, а повеќето од делата се создадени за акустични инструменти и фиксен медиум…

Од Дарија Андовска ќе бидат изведени делата „ThERanatOS – part 4 – Operating System“ за фиксен медиум и видео (го изработи Мартин Иванов), „Zugzwang“ за виолина, пијано, удиралки и фиксен медиум, „Book of the Devil Valley Master“ за соло удиралки и фиксен медиум и „Apoptosis – a brief history of small deaths“ за фиксен медиум и танцов перформанс, на кој ќе учествуваат студенти од одделот за современ танц при ДМБУЦ во кореографија на Елена Антонова Петровиќ. Во изведбата на композициите на Андовска ќе учествуваат Влатко Нушев на удиралки, Владимир Костов на виолина и Марија Вршкова на пијано.

Во изминативе години, делата на Андовска се презентираат на Универзитетот во Калифорнија, на Конзерваториумот за музика во Осака, Јапонија, во Атина, Бостон, Лос Анџелес. Композицијата “Zugzwang” во изведба на Tzara ensemble беше дел од авторскиот концерт на Андовска по повод изборот за Истакнат уметник на Град Цирих, а “Apoptosis- a brief history of small deaths” е првонаградена композиција на минатогодишниот конкурс на Министерството за култура на Република Македонија.

Ќе бидат изведени и три дела на Ана Пандевска: „Дуња и Дарин“ – пет пиеси за пијано и лента, „Landscape Atmosphere“ за пијано и лента и „Life in a Box“ – за пијано и лента, во чија изведба ќе учествува пијанистката Дуња Иванова. „Life in a Box“ е композиција за лента и пијано, напишана во 2015 година, поврзана со случајот на Томислав Кежаровски. Ова дело е и своевиден печат за едно време низ кое поминуваше нашата држава.