20/04/2024
Македонија

МВР: Достоинствено да ги дочекаме хероите од Келн! Најстрого ќе санкционираме било каков обид за предизвикување инцидент

Министерството за внатрешни работи му честита на ракометниот клуб „Вардар“ за освојувањето на титулата европски шампион. Притоа, укажуваме дека радувањето на спортските успеси е неспоиво со говор на омраза, дискриминација и поттикнување на омраза и насилство.

МВР ќе ги преземе сите неопходни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир на пречекот на нашите европски шампиони и ќе биде најстрого санкциониран било каков обид за предизвикување на инцидент, како што тоа беше направено на синоќешната прослава..

„Апелираме до граѓаните да не употребуваат навредливи пароли, скандирања или пеење на песни со кои шират говор на омраза, затоа што тоа ќе биде санкционирано. Апелираме до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства затоа што на тој начин се загрозува безбедноста на граѓаните, како што тоа беше случај синоќа со една девојка што се здоби со повреди од пиротехничко средство.

Граѓаните кои ќе забележат било какво прекршување на законите да пријават кај полициски службеник или најблиската полициска станица или да се јават на бројот 192. Ја известуваме јавноста дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со надлежното обвинителство континуирано презема мерки и активности за санкционирање на ширењето на говорот на омраза и на социјалните мрежи, најчесто на Фејсбук.

На крајот, уште еднаш ги повикуваме граѓаните достоинствено да ги пречекаме хероите од Келн и заеднички го прославиме овој историски успех.“– велат од МВР.

Извадок од дневни настани билтен за вчерашната прослава:

На 02.06.2019 година во времето од 20,10 до 23,50 часот во Скопје на Плоштад „Македонија“, одржан е јавен собир (прослава), по повод победата на ракометниот клуб „Вардар“. За време на прославата, пријавено е дека било оштетено патничко моторно возило “Ауди А3“ со скопски регистарски ознаки на булеварот “Гоце Делчев“. Возилото било оштетено од повеќе лица кои фрлале кон него со бекатон плочки. Притоа со телесна повреда на левата рака се здобил Ф.М. (18). Во врска со настанот од страна на Единицата „АЛФА“ биле приведени пет малолетници на возраст од 14 до 17 години, сите од Скопје. На улицата „11-ти Октомври“ пред Собранието на РСМ било оштетено патничко моторно возило “Шевролет Спарк“ сопственост на МВР. Т.П.(17) од Скопје била повредена од пиротехнички средства на Плоштад Македонија и се здобила со изгореници во пределот на нозете. Исто така, приведен е и Ж.М.(36) од Скопје поради нарушување на јавниот ред и мир пред Собранието на РСМ.