МВР за граѓаните: Показна вежба на дел од единиците на Министерството за внатрешни работи

Денеска имавме можност да и презентираме на јавноста еден мал дел од потенцијалите на дел од полициските единици, рече министерот Оливер Спасовски по одржувањето на показната вежба на дел од единиците на Министерството за внатрешни работи во касарната Ѓорче Петров, во рамки на одбележување на 07-ми Мај – Денот на македонската полиција,

Припадници од Единицата за специјални задачи, од Единицата за службени кучиња и од Единицата за брзо распоредување, во три различни ситуации на оперативно дејствување ги демонстрираа тактичко-техничките способности, но и високиот степен на неопходна координираност и професионални стандарди, за брзо и ефикасно справување во замислените кризни операции.

“Врската меѓу граѓаните и македонската полиција треба да зајакне, да се обнови. Денеска заедно со студентите на Факултетот за безбедност и Институтот за одбрана и мир, ученици од средните училишта, претставници од амбасадите…имавме можност да ги видиме овие вежби односно подготвеноста на на овие припадници на МВР“, рече министерот Спасовски.  

Одбележувањето на Денот на полицијата продолжува утре во Охрид во 12 часот и во недела во Штип во 11 часот. Министерството за внатрешни работи ги поканува сите граѓани да присуствуваат на овие манифестации и да се уверат во подготвеноста на полициските службеници.