07/10/2024
Охрид

МЗ Куратица одржа протест пред ЕВН Охрид

Месната заедница на село Куратица денес одржа протест пред седиштето ЕВН  во Охрид. Многу села од поранешна коселска општина за време на зимските месеци остануваат со денови без напојување со електрична енергија. Целта на протестот беше да им се препорача ЕВН да инвестира во мрежата и да се стави крај на нивната несериозност. Од МЗ Куратица доставија и писмено барање до ЕВН за санирање на состојбата на мрежата и рокови за нејзино оспособување.

„Живот на 1100 метри не може да се одвива вака, ова е еден протест пред ЕВН да им укажеме на еден културен начин и да им доставиме и едно писмено Барање до раководителите на ЕВН во Македонија, дека на овој начин ние не можеме да функционираме понатаму, едно село со 300 жители и околните села што се на поранешна Коселска општина на овој начин не може да функционираат, каде буквално една мала количина на снег или поголеми врнежи од дожд ние остануваме со денови без струја. Мрежата која ја имаме према Куратица, како што имаме напоменато на паролите е од времето на Титова Југославија, со таа мрежа не може ЕВН понатаму да функционира, во Барањето ќе им порачаме да инвестираат во мрежата за да не се случи да ги изненади и следната зима. Наводно, веќе е во процедура да се инвестира нешто, но неофицијално тоа се некои крпачки работи, затоа ние ќе им предложиме да инвестираат во комплетно нова мрежа. Месната заедница од Куратица е секогаш спремна со свои идеи и предлози, да им излеземе во пресрет за да се надмине овој проблем.“ – изјави Горан Ангелоски, претседател на месната заедница Куратица.

WebOhrid