29/03/2024
Македонија

На 1ви септември почнува кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците

На 1 септември почнува кампањата за бесплатна идентификација и регистрација на домашните миленици при што бесплатно ќе се изврши нивно микрочипирање. Кампањата ќе трае до 31 март идната година, односно до целосно искористување на набавената количина од 100 илјади микрочипови. Кампањата ќе се спроведе по принципот „прв дојден, прв услужен“. Ова го соопшти на денешната прес конференција која директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов ја одржа со претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски, истакнувајќи дека за спроведување на кампањата Агенцијата склучи договори со 135 ветеринарни друштва.

-Тие ќе извршат бесплатна апликација на микрочиповите кај домашните миленици и ќе ги внесат податоците во информативниот систем на Агенцијата. Сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за издавање на пасош за домашен миленик што ќе можат да го употребат при патување надвор од државата, рече директорот Атанасов.

На 31 август на веб-страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе биде објавена листата на ветеринарни друштва со кои Агенцијата има склучен договор. Истакнати ќе бидат телефонските броеви и електронската пошта на секое ветеринарно друштво, за да можат сопствениците да стапат во контакт со нив.

– Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку тоа не го стори предвидена е санкција од 30 евра во денарска противвредност. По завршувањето на кампањата Агенцијата ќе спроведе засилени контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регистрација на нивните миленици. Затоа, ги повикувам сопствениците масовно да ја искористат еднократната донација и да ги микрочипираат своите миленичиња, рече директорот Атанасов.

Тој потенцира дека се склучени договори со доволен број ветеринарни друштва со што за реализација на оваа кампања покриена ќе биде терироријата на цела држава.

Претседателот на Ветеринарната комора Томислав Николовски рече дека создавањето база на податоци за домашните миленици претставува основа за решавање на проблемите со милениците.

– Апелирам до сопствениците да ја искористат оваа ретка шанса да можат бесплатно да ја исполнат својата обврска и до 31 март да ги донесат своите домашни миленици за да се спроведе постапката за идентификација и регистрација. Тоа е безболна процедура која не носи никакви ризици по здравјето на миленикот. Микрочипот е со големина на зрно ориз, направен е од бикомпатибилен материјал и не создава никакви реакции при апликацијата, рече Николовски.

Граѓаните кои нема да ја искористат бесплатната апликација за микрочипирање ќе треба да платат 800 денари само за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Проверка дали некое домашно милениче е чипирано или не, ќе се прави доколку биде заловено и однесено во прифатилиште. Доколку се утврди кој е сопственикот на миленичето, ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано се плаќа казна од 50 до 75 евра. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици, а според проценките на Агенцијата ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучињата скитници.