18/04/2024
Охрид

„На отворено море“ ја спушта завесата на годинешното 61-во „Охридско лето“

Завесата на 61-то фестивалско издание на „Охридско лето“ ќе биде затворена со театарската претстава „На отворено море“ на текст од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во изведба на Југословенскиот драмски театар од Белград, Република Србија.

Претставата ќе се одигра на сцената од Античкиот театар во Охрид, со почеток во 21 часот.

„На отворено море“ е жанровски комплексно парче: трагично, апсурдно и сатирично. Тоа е приказна за љубовната афера на една убава, среќно омажена жена со министер во владата. Во оваа драма сите се уценети и корумпирани, бидејќи тоа се луѓе од власта или од непосредна близина на власта. Зад семејните, пријателските и љубовните врски стои исклучиво голиот интерес. Сите имаат корист од оваа афера. Нушиќ никогаш не би напишал драма за млада, мажена жена која има љубовник, но кога тој љубовник е министер во владата, тогаш тоа е и политичко и државно прашање. Така, Нушиќ ја започнува „На отворено море“, остра сатира за политичкото и семејното лицемерие и неограничената корумпираност на човекот, како и стравот од вистината и одмазда на властите.

Режисерот Егон Савин е редовен професор на Катедрата за театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Режирал многу различни драмски репертоари, од современи домашни автори што ги режирал во неформални групи до светски класици во најголемите национални театри. Тој работел низ цела поранешна Југославија и во странство. Во Југословенско драмско позориште ги режирал:„ Маките по Живоин“ од Радослав Павловиќ, „На летовање“ од Максим Горки (1990), , Шумата од А. Островски (2005), „Така мораше да биде“ Бранислав Нушиќ (2007), „Тартиф“ на Молиер (2008), „Вујко Вања“ А.П. Чехов (2018) и многу други. Добитник е на најзначајните награди за режија во земјата и странство.