29/03/2024
Македонија

Национална работилница за воспоставување на напреден систем за информации за патници

Воведно обраќање на Заменик Министерот за внатрешни работи Д-р Агим Нухиу

Дозволете ми во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија да Ви посакам добредојде во нашата земја и да Ви посакам успешна работа.

Во последните децении на 20 и во почетокот на 21 век, се до денес, авионскиот превоз на патници доживува експанзија. Под влијание на глобалните промени, масовниот и брз промет на стоки и услуги, либерализацијата на пазарот на труд и капитал – авионскиот превоз стана суштествено битна сообраќајна гранка за секоја национална и воопшто за глобалната економија. Во овој сегмент од авионскиот превоз своевидно и исклучително битно значење има превозот на патници. Денес, воопшто и не изненадува фактот што учеството на авионскиот превоз на патници во Европската и светска економија покажува константен раст, а потребата од овој вид на услуги покажува тенденција на константно зголемување.

Како што се зголемува бројот на патници во авио сообраќајот пропорционално се зголемува и обемот на работа на сите агенции и државни институции во преземањето на мерки за безбедност и на сообраќајот но и на границите.

Сето ова, има огромно влијание врз зголемувањето на ризикот од користењето на авиопревозот во организираниот и сериозен криминал и тероризмот.

Ужасните терористички напади на кои што сите ние бевме сведоци во изминатите неколку години, ја докажуваат неопходноста од зајакнување на заедничкиот одговор кон тероризмот и од преземањето конкретни акции. Оваа работилница – воспоставување на национален напреден систем за информации на патници сметам дека е токму тоа – прецизно насочена иницијатива кон ефективно и ефикасно – и што е најважно – навремено информирање, односно алармирање на националните органи во однос на потенцијалната опасност од случување на несакан настан со ненадоместливи последици.

Би сакал искрено да се заблагодарам на Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка на Европа – ОБСЕ во Скопје за организирање на оваа национална работилница за воспоставување на напреден систем за информации за патници. Одделот за транснационални закани на ОБСЕ реализира навистина комплексна задача на спроведување на еден ваков национален настан на кој што учествуваат претставници од сите надлежни институции и агенции во земјава. Велам комплексна првенствено поради фактот што пред се, идентификувани се како учесници сите главни актери во областа на безбедност на воздушниот сообраќај, вклучувајќи и виши службеници инволвирани во процесот на донесување одлуки, технички лица одговорни за процесот на контрола на системите за информатичка технологија поставени на граничните премини, претставници на граничната полиција, разузнавачките служби, цивилното воздухопловство, царината, агенциите за заштита на лични податоци и други.

Во текот на овие три дена, детално ќе го разработите електронскиот систем за комуникација преку кој што биографски податоци од еден патен документ кои што ги имаат авионските компании се испраќаат до органите за гранична контрола уште пред заминување или пристигнување на авионот. Со проверка на овие податоци со податоците од националните бази или базите на Интерпол, граничните службеници ќе имаат навремена информација за лицата кои што сакаат да остварат влез во нивната земја.

Со воспоставувањето на напредниот систем за информации за патници ќе се искористат сите благодети на информатичката технологија со што ќе се постигне поголема контрола и соодветна распределба на ресурсите на МВР, Гранична полиција, Царина и други.

Доставувањето на информациите за патникот од страна на авио компаниите уште пред истиот да тргне кон посакуваната дестинација, им овозможува на полицијата и на царината навремено да извршат анализа и да извршат проценка на ризикот и заканата и сето тоа, водејќи сметка за една од основните придобивки на демократските општества – заштитата на човековото правно на приватност.

Учеството на меѓународни експерти и размената на нивното искуство од воспоставувањето на овој систем верувам дека значително ќе ги зголеми придобивките од учество на настанот, а со интерактивните дискусии и групни активности ќе ги утврдите најдобрите практики и проблемите со кои би можеле да се соочите и да ги избегнете.

Почитувани,

Целта на оваа работилница е двонасочна: прво – утврдување на предностите од користење на ваквиот напреден систем за информации за патници и второ – идентификување на тековната ситуација, слабостите, проблемите со кои се соочуваат националните власти и утврдување на техничката помош која би била неопходна за спроведување на овој систем.

Холистичкиот пристап во утврдувањето на учесниците на овој настан ќе обезбеди спознавање на потребите и следните чекори кои треба да се преземат на национално ниво за да се реализира овој приоритет. И навистина, ефикасноста на борбата против тероризмот и сериозниот криминал која што значително ќе биде подобрена со воспоставување на национален напреден систем за информации за патници претставува приоритет не само за Република Македонија, туку и за сите земји од регионот и пошироко.