24/04/2024
Македонија

Националната федерација на фармерите со предлози за развој на земјоделството 2018-2022

Националната федерација на фармери преку својот секторски систем за лобирање и управниот одбор на НФФ ја разгледа Предлог Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој за период 2018 -2022 со тоа што ги презентира своите ставови на состанокот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одржан на 15.01.2018 и ги достави во писмена форма.

Она што НФФ го поздраува во програмата е тоа што останува субвенционирањето по хектар, инволвирана е и консолидацијата на земјоделското земјиште, подготвен е добар акционен план, фонд од 6 милиони  за покривање на штетите настанати од климатски промени, поддршка на задругите, како и  подршката за активен женски член во земјоделското домаќинство. Она што е добро е и воведувањето на поддршката  на зелената нафта која треба дополнително да се прецизира со постапка преку измени во Законот за земјоделство и рурален развој кој во моментот се разгледуваат од сите инволвирани страни вклучителни од наша страна во консултација со експерти.

Она што НФФ смета дека треба да се направи се измени е што покрај системите за наводнување капка по капка во рамките на истоимената Програма да влезат и нови технологии со кои ќе се ублажат негативните ефекти од климатските промени, како што се оросувачите и спринклерите кај овоштарството и лозарството за заштита од мразеви.

Во делот на овчарството да се направи сразмерно финансирање на подршката за овчарите и на високите и низинските предели, со оглед на фактот што оваа година големи штети претрпеа одгледувачите на овци во низинските предели од страна на сушата.

  • Субвенционирањето на автохтоните раси да се прави согласно ФАО критериуми,
  • Облагородување на пасиштата со агромелиоративни мерки,
  • Мерки за работната рака во сточарството,
  • Нова категоризација во член 70 а од законот за земјоделство и рурален развој каде основен критериум да не биде само бројот на грла туку и други критериуми кои влијаат на продуктивноста на фармата,  пример 20 грла буша не се исто со 20 холштајн симентал,
  • Да се воведе субвенциониорање за системот крава – теле,
  • Што се однесува до пченицата бараме да се смени датумот за интервентен откуп, да започне од 01 јули по потреба,
  • Да се смени старосната граница за млади земјоделци наместо 35 да биде 40години,

НФФ во делот на родовата застапеност работи на поголемо мотивирање на жените од руралните средини да учествуваат во аплицирање на истоимената Програма, кое ќе доведе и до поголемо економско јакнење на руралната жена. Затоа го даваме следниот предлог:

  • Жените да добиваат 55% покриеност на инвестицијата во Програмата за рурален развој исто како и младите без разлика на возраста

Во делот на административните процедури на имплеменатцијата на Програмата, НФФ предлага:

  • Подготовка на календар за објава на огласи за мерките за апликации, за да можат навремено земјоделците да ја набават потребната документација и календар за исплата на финансиските средства,
  • Поставување на индикатори за следење на програмата и нејзини резултати,
  • Контролата на терен да биде за време на вегетација а не после бербите,
  • Решението до земјоделците за одобрените апликации и за субвенциите и за руралната програма да стигнуваат пред исплатата на средствата, а не после исплатата како бланко поткрепа,

Во делот на откупот и задругите НФФ предлага:

  • Да се намали рокот за обврската за исплата на откупените земјоделски производи од странана откупувачите од 90 на 30 дена,
  • Во делот на земјоделските задруги, мерка 131, ја оценуваме како многу добра со напомена дека обуките на менаџерите треба да се интензивираат и квалитативно подобрат се со цел подобрување на пласманот и постигнување на подобри цени во истиот,

Мерката за ограничување на производството во лозарството зелена резидба не соодведствува со реалната состојба и има потреба да се замени со друга  мерка (потикнување на производство на дестилати и други производи со додадена вредност како маџун, суво грозје).

„Осигурувањето повеќе не е интересно за земјоделците од причина што се помал број се одлучуваат да ги осигураат своите насади, пред се поради политиките на осигурителните компании (после невремето од град во 2015г и исплатата на големи суми за штети во Ресенскиот регион) истиот е класифициран како реон со зголемен ризик за елементарна непогода и зголемени се скоро за дупло премиите за осигурување. Наплатата што треба, осигурителните компании, да ја добијат од  државата, поради доцнењето на исплатата од од државата, им ја наплатуваат на земјоделците, со тужби, блокирање на сметки. Затоа го поддржуваме воведувањето на Интервентен фонд за штети од климатски промени.“ – истакнуваат од НФФ.