24/04/2024
Македонија

Направени се првите чекори кон универзален пристап на децата во предучилишно образование

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс денес ја отворија тридневната стратешка работилница за спроведување систематска анализа на системот за предучилишно образование и изработка на план за да се зголеми пристапот до квалитетно предучилишно образование. Оваа иницијатива е прв голем чекор кон универзален опфат со предучилишно образование на децата на возраст од 3 до 6 години во земјата.

Оваа работилница се организира за да се утврдат приоритетни интервенции кои се неопходни за да се забрза напредокот кон целта на Европската унија од 95% предучилишен опфат со акцент врз квалитетот. Опфатот на деца на возраст од 3 до 6 години во 2017 е 35%, што е далеку од посакуваната цел.

“Владата се обврза да го зголеми опфатот и да го подобри квалитетот на предучилишно образование и грижа,” рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика. “Во текот на следните три дена ќе извршиме критички преглед на ресурсите – човечки, физички, финансиски – за да може да се изготви стратегија и акционен план за сите деца во земјата да добијат пристап до квалитетнипредучилишни програми.“

Министерката додаде: „ Доколку не инвестираме во квалитетно предучилишно образование, тогаш ќе имаме послаби резултати во основното, средното и високото образование и така нема да имаме професионален кадар кој ќе ја води економијата на земјата во иднина.”

Во моментов единствениот пристап до предучилишни програми во земјата е преку детски градинки и мал број центри за ран детски развој. Со оглед на тоа штосистемот е структуриран за да им служи на вработените родители во урбаните средини, децата на кои најмногу им треба предучилишно образование – деца од сиромашни и рурални заедници – се токму тие што не посетуваат предучилишно образование. Понатаму, поголем акцент е даден на обезбедувањето “згрижување” наместо “квалитетно рано образование”.

“Образованието и грижата во раното детство се од голема важност за поставување на темелите за подоцнежен успех во животот во однос на образованието, благосостојбата, можноста за вработување и социјална интеграција “, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. “Не е секаде потребна голема скапа градинка со целодневна програма. Центрите за ран детски развој се докажана економична алтернатива, каде што децата посетуваат организирана програма за учење неколку часа на ден, а родителите имаат пристап до информации за тоа како да го поддржат развојот на детето дома”.

Во текот на наредните три дена претставници од владата, Светска банка, граѓанското општество, практичарите и претставниците од донаторската заедница – со помош на концептуалната рамка и алатката која ја подготви УНИЦЕФ за дијагонстицирање и планирање – ќе ги проценат јаките страни и слабостите на преучилишниот сектор и ќе изготват акциски план за забрзување на реформите.

Преку овој сеопфатен преглед ќе се разгледаат активностите потребни за планирање, буџетирање и управување со човечките ресурси како што се воспитувачите и наставниците и физичките ресурси како што е инфраструктурата; квалитетна наставна програма и пристап до ресурси за учење кои го поттикнуваат развојот на детето; способностите на предучилишните наставници за промовирање позитивен развој; учество на семејствата и заедниците во раниот детски развој; и воспоставување механизам за обезбедување на одговорност и квалитет.